Стоп за приватните тури со државни возила

ДАЛИ ЦРВЕНИТЕ ВЛАДИНИ ТАБЛИЧКИ ЌЕ СТОЈАТ И НА ЦРВЕНО?

1609

Сите службени возила, од следниот месец, лесно ќе паѓаат во очи на секој граѓанин бидејќи нивните таблички задолжително ќе се обојат во црвена боја. Тоа веќе го сториле неколку институции, а рокот за останатите истекува на 15 септември. Владиниот шеф на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, рече дека рокот ќе се продолжи до пред почетокот на изборната кампања, а доколку некоја институција ја избегнала обврската, табличките ќе им бидат обоени кога ќе ги регистрираат возилата. На промоцијата на новите таблички за службените возила на паркингот на спортскиот центар „Борис Трајковски“ беа изложени означените автомобили на Царината и Агенцијата за храна и ветеринарство. Владините, општинските и возилата на јавните претпријатија лесно ќе можат да се препознаат во обид да се злоупотребат за приватни цели, велат од Владата. До крајот на годината, од вкупно 7.500 државни возила, во посебен регистер треба да се издвојат полициските.

– Првпат се прави исчекор во одвојување на државата од партијата, еден од главните исчекори кои ги третираме. Ова не е само техничка промена, туку суштинска реформа која ја зајакнува довербата на граѓаните, ја потврдува одговорноста на институциите и нѐ усогласува со најдобрите европски и меѓународни практики, изјави директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.

Дел од граѓаните во коментарите на социјалните мрежи се сомневаат дека означувањето се прави со цел да се избегне злоупотребата во изборната кампања, туку да се избегнат прекршоците од страна на функционерите во системот „Сејф сити“, кој треба да профункционира по Нова Година.

Речиси и да нема избори, а да не се користат службените возила во кампања. Од таа причина, во Антикорупциската комисија се отвори регистар за пријавување. Од Владата велат дека до следната недела списокот ќе биде комплетиран и во ДКСК ќе ги имаат на располагање сите податоци за службените возила. Уверуваат дека со означувањето на возилата, ќе се намалат и злоупотребите. Сепак, за несовесните функционери законот не предвидел казна.

Институциите се обврзани да го регулираат службениот возен парк преку правилник. Пред неколку години Антикорупциска донесе упатство за користење на возилата и службените патувања.

„Институциите треба да користат јавен превоз секогаш кога тој е достапен и кога овозможува рационално искористување на ресурсите на институцијата. Службените возила смеат да се користат исклучиво за службени цели и не е дозволено нивно користење за лични потреби. Моделот на користење на возилата 24/7 со утврдени месечни лимити за потрошувачка на гориво не се препорачува и потребно е да се води подетална евиденција за релациите во кои е користено службеното возило, и тоа на дневно ниво. Превозот на членови на семејство со службени возила е забрането, освен во случаи кога тие се дел од официјална делегација. Потребно е да се предвидат санкции за користење службено возило за приватни потреби и други видови прекршувања на интерните акти“… побарале антикорупционерите за намалувањето на злоупотребата од државните возила.

Во неколку од Упатствата за користење на службените возила во кои направивме увид, од службеникот единствено се бара да ги напише почетната и крајната километража на автомобилот, но не и каде сè се возел „службено“.

Македонија, со вкупно 7.500 службени возила, е меѓу водечките земји во регионот. Од податоците што ги најдовме на интернет, Србија, без армиските и тие на МВР, има вкупно 6.000, Црна Гора околу 4.700, а Хрватска 4.000 државни возила. За пример се скандинавските земји, Шведска со десетина, Данска на 20 министерства има исто толку автомобили, а Германија поседува помалку од 1.000.

Освен злоупотребата на службените возила, во минатото сме биле сведоци и на поминување на патарина со дигната рампа од страна на владини функционери, лажни службени патувања во странство со високи хотелски сметки, приватни возења со автомобили изнајмени на државен трошок. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ