Со концертот насловен „Традиција и модерна“, оркестарот со светско реноме – „Вурт филхармоникер“, неговиот гостин солист Дино Имери на пијано и светски познатиот диригент Клаудио Вандели приредија исклучителен концерт исполнет со извонредни уметнички успеси, светска премиера, како и бурни овации од публиката во „Кармен Вурт форум“ во Германија.
Оваа вечер беше обележана од значајната презентација на врвното македонско музичко творештво преку делата „Ситна Лиса“ (во обработка на Дамир Имери), „Рана“ од Дијана Илкоска, „Тешкото“ од Глигор Смокварски и Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери. Дополнителен автентичен печат даде и учеството на Ратко Даутовски на традиционалниот инструмент тапан.
Делото „Рана“, во кое „музиката го објаснува она што не можат зборовите“ (забележува критичарот Андреас Дене од водечкиот регионален весник „Хајлбронер штиме“), доживеа светска премиера во изведбата „доведена до совршенство од страна на звучното тело на ‘Вурт филхармоникер’“.Светски признатиот шеф диригент на оркестарот, маестро Клаудио Вандели, посочи за нашиот музичар: „Дино е исклучителен пијанист, кој, како многу малку други, има способност совршено да ја балансира својата спектакуларна техничка виртуозност со длабока зрела интерпретација, ве допира со убавината на звукот и со високата поетска музикалност. Тој е огромен уметник, кој ја наежува публиката веднаш штом ги допре клавишите“.












