Новогодишно лизгалиште е поставено околу статуата подигната во чест на Лучијано Павароти во италијанскиот град Пезаро, на начин што ги вознемири и жителите на градот и семејството на покојниот оперски пејач.
Лизгалиштето е поставено на ниво на колена на статуата, така што изгледа како легендарниот оперски пејач да излегува од неа.
Градоначалникот на Пезаро, Андреа Бјанкини, се извини на семејството на оперската ѕвезда, а вдовицата на Павароти, Николета Мантовани, за локалните медиуми изјави дека е „лута и вознемирена“ од она што го нарече одлука да се „исмее“ нејзиниот покоен сопруг.
„Немавме намера никого да навредиме, градскиот совет направи грешка“, рече тој.
Бронзената статуа во природна големина беше официјално откриена во април 2024 година во Пезаро, чиј почесен граѓанин беше Павароти.
Бјанкини додаде дека кога првпат му биле презентирани плановите за лизгалиштето, бил уверен дека статуата на Павароти нема да биде допрена и дека дури подоцна дознал дека дизајнерите биле принудени да направат промени.
За жал, додаде тој, нема да биде можно лизгалиштето да се демонтира или да се премести статуата.
Светски познатиот оперски пејач Павароти почина во 2007 година на 71-годишна возраст, откако му беше дијагностициран рак на панкреас.
Зад себе остави четири ќерки од два брака.












