Со врачување на наградата „Мето Јовановски“ на српскиот актер со македонско потекло Лазар Ристовски и проекција на филмот „Кога летото ќе заврши“ на Данис Тановиќ, во саботата вечерта беше отворено 4. издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ што до 14 август ќе се одржува во Дојран

-Среќен сум што сум овде вечерва, Срцето ми е полно. Ја чуствувам вашата љубов вечерва и верувајте дека искрено и на ист начин ви се заблагодарувам на дочекот, на големиот аплауз и на искреноста. Драго ми е што ја добив оваа награда која го носи името на големиот актер Мето Јовановски и благодарам што вечерва и тој е со нас на еден симболичен начин, рече српскиот актер со македонско потекло Лазар Ристовски, синоќа, на свечено отворање на 4. Фестивал на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ во Дојран при добивањето на наградата „Мето Јовановски“ за високо достигнување во уметноста на филмот.

Лауреатот, пред преполниот Амфитеатар во Дојран, се заблагодари за наградата која фестивалот ја доделува по втор пат, и изрази желба и следните години да доаѓа во Дојран на „Преку езерото“ како гостин и гледач.

Тој истакна дека ваквите фестивали се мошне важни.

-И јас сум основач на еден ваков фестивал во моето родно место и знам колку е важен за средината и за луѓето кои живеат таму и кои доаѓаат таму. Дојран е туристичко место каде доаѓаат луѓе од сите страни и за нив многу значи. Фестивалите се можност за луѓето кои вообичаено не одат во кино, да дојдат и тука да ги видат филмовите, додаде познатиот актер.

Наградата на лауреатот му ја врачи градоначалникот на Дојран, Анго Ангов кој истакна дека му е голема чест и задоволство што токму Дојран е домаќин на фестивалот „Преку езерото“, а за лауреатот говореше директорот на фестивалот, Јани Бојаџи.

-Драги мои, да не ве разочарувам, но морам да ви кажам нешто во доверба. Мене, исто во доверба ми го кажа Дедо Мраз, кога преправен во актер со име Лазар и презиме Ристовски ми рече дека на крајот од дваесетиот и почетокот на дваесет и првиот век го сретнал Дедо Ное и му рекол дека мора да му каже – без да го разочара дека: “иднината е подеднакво заебана како и минатото. Ете така?!“ Верувале вие или не, тоа не се реплики од филм, туку реченици од животот кој за себе си кажува дека е филм. За мене и за мојата генерација Лазар Ристовски беше еден од оние соништа во кои на крајот од сонувањето не разликувавме што е сон, а што вистина? Што е минато, а што иднина? И што е, извинете на репликата, “позаебано од двете“? Припаѓам на она генерација на вљубеници во филмот во Југославија кои од актерот Лазар Ристовски сме се учеле за тоа што е филм, што е актерство и уште повеќе што е високо актерско достигнување! Сè учевме и паметевме, треперејќи над секоја негова пауза, над секоја тишина, над секој кажан и некажан збор со сила на времето што одминало. Но за среќа и со силата на времето кое допрва доаѓа! Лазар Ристовски ја има таа ретка моќ со јазикот на актерството денеска да зборува како да е вчера, за настани што можеби ќе се случат утре. А некои од неговите актерски достигнувања можат да се наречат и пророчки!, рече Бојаџи.

Тој потсети и познатата реплика на Лазар Ристовски од филмот „Андерграунд“ (Underground) на режисерот Емир Кустурица: „Протестујем господине – И ја протестујем друже – Нисам ја друг господине – Ни ја нисам господин друже – Ко сте ви, усташа, четник, партизан? – Ја сам Петар Попара Црни – Којој војсци припадате? – Мојој. – Има ли неко изнад вас? – Има. Моја земља. Маму ти јебем фашистичку!“.

Па продолжи: На нашите студенти за феноменот на актерството им зборуваме со години, но на почетокот и на крајот од сè – доволно е да научат дека високо достигнување во уметноста на актерството на филм е кога реплики од филм што ги кажал некој актер станале јазик со кој вие комуницирате како да се тоа ваши зборови – кои сте ги смислиле тука и сега, во моментот додека ги кажувате. И тие, сепак, само реченици кажани од актер, сте ги повториле на толку места, и во толку прилики и толку пати што во еден момент станува нејасно дали се тоа ваши зборови или актерски изведби, во овој случај на актерот Лазар Ристовски?! Лазар Ристовски има одиграно повеќе од осумдесет улоги на филм и телевизија, во сите жанрови, на сите јазици на некогашната заедничка земја. Играше на српски, играше на англиски, на француски, на германски, a во филмот „Бело одело“, иако сите знаеме дека пишува „Не нагињи се кроз прозор“, тој висеше од надворешната страна на возот во движење сè додека на сто јазици не кажа „Те сакам“! Во Македонија играше на македонски во филмовите „Јазол“ и  „Збогум на дваесетиот век“. Но, она што е поважно е дека Лазар Ристовски во сите свои карактери играше со јазикот на љубовта, играше на јазикот на среќата, играше на јазикот на тагата, играше на јазикот на надежта, за сите разбирлив како универзален јазик на уметноста на филмот. Му благодарам на мајсторот на филмот Лазар Ристовски кој со своето актерско, но и човечко достигнување направи во светот на филмот соништата на илјадници деца, илјадници тинејџери, илјадници студенти, а подоцна илјадници филмаџии по овие балкански и медитерански светови на сонот да создаваат свет составен одприказни за тоа како се расте, како се живее, како се страда, како се љуби, и како се создава свет на идеали, свет на совршената причина да постоиме и да создаваме свои соништа во форма на подвижни слики.

Претседателката на советот на фестивалот Мими Ѓоргоска Илиевска, пак, во своето поздравно обраќање истакна дека филмските фестивали од одредена точка на гледање претставуваат добро осмислена културна акција, која може да ефектуира посакувани резултати, нешто што, како што кажа, со сигурност може да го потврди како главна определба на Фестивалот „Преку езерото“.

-Овие четири години создаваме Фестивал со единствена цел да биде привлечен за публиката во кој преовладува моќта на меѓусебната доверба на сите чинители вклучени во реализацијата на истиот. Нашата поставена цел е преку Фестивалот „Преку езерото“ да креираме најповолна можна слика за Македонија и таа перцепција да се одомаќини, да создаде емоција и да ги зближи и вмрежи балканските и медитеранските кинематографии. Минатогодишното издание на филмскиот фестивал „Преку езерото“, јавноста и публиката го нарекоа откритие на Балканот и Медитеранот. Оваа година нашата амбиција е да се етаблираме на мапата на културни настани во Македонија како еден од најважните летни фестивали. Дополнително, одгласот на Балканот и Медитеранот нè охрабрува да го претвориме Дојран во водечка културна и туристичка дестинација во овој дел од регионот. Веруваме дека и овогодинешната фестивалска програма, како и минатите години, ќе биде гаранција за успехот, растот и развојот на Дојран како уникатно кинематографско, уметничко, културно и туристичко искуство, истакна Ѓоргоска Илиевска.

Фестивалот беше отворен со „Кога летото ќе заврши“ на Данис Тановиќ, а беше прикажан и краткиот дебитантски филм „Боја на темнината“ на Кристијан Костадиновски – поддржан од работилницата за развој и продукција на дипломски и дебитантски краток филм „Нови бранови“.

ИЗДВОЕНИ