– Во досегашните фази, изведени се комплетно нови подземни инсталации, поставени се нов водоводен систем со приклучоци до секој дуќан, нов фекален и атмосферски канализациски систем и целосно нова електрична инсталација, со што добиваме трајно и долгогодишно решение за овие објекти – информираше градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов.

Тој наведе дека во моментов се работи на партерно уредување на просторот, целосно поплочување со гранит, а паралелно се изведуваат и фасадите. По целосното завршување на овие фази, ќе следува хортикултурно уредување. Сарамандов очекува напролет проектот, конечно, да биде завршен

Во Гевгелија, во тек се реконструкцијата и реставрацијата на Старата чаршија, со што градот ќе добие нова визуелна и функционална димензија.

Проектот, вреден 40.675.095 денари, е дел од конзервацијата, реставрацијата и реконструкцијата што ги спроведува Министерството за култура и туризам, со поддршка од Општина Гевгелија.

Градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна за весникот ВЕЧЕР дека станува збор за доста тежок проект, кој бара многу енергија за реализација.

– Подготовката на техничката документација започна во август 2022 година и дадовме сè од себе во делот на обезбедувањето на потребните дозволи и добивањето конзерваторско одобрение. Во април минатата година, започнавме со реализација на проектот. Во досегашните фази се изведени комплетно нови подземни инсталации, поставени се нов водоводен систем со приклучоци до секој дуќан, нов фекален и атмосферски канализациски систем и целосно нова електрична инсталација, со што добиваме трајно и долгогодишно решение за овие објекти – информираше Сарамандов.

Тој наведе дека во моментов се работи на партерно уредување на просторот, целосно поплочување со гранит, а паралелно се изведуваат и фасадите. По целосното завршување на овие фази, ќе следува хортикултурно уредување.

– Знам дека имаше реакции од гевгеличани, но, еве, во оваа пригода сакам да најавам дека ќе биде обновен дрвниот фонд со нови садници за урбани средини. Исто така, ќе биде поставено ново, модерно осветлување, како на фасадите така и на делот од партерот – дециден е Сарамандов.

Според него, во изминативе неколку месеци фокусот бил на динамиката на работа и очекува напролет проектот, конечно, да биде завршен.

Првиот човек на Општина Гевгелија вели дека со обновувањето,  Старата градска чаршија, која е белег на градот и која има силно историско и културно значење за гевгеличани, ќе стане нова туристичка атракција во центарот на градот, со традиционална архитектура, што дополнително ќе придонесе за развој на туризмот и за зголемување на бројот на посетители отстрана.

– Таквото заживување ќе го зголеми интересот за работа на дуќаните, кои во моментот послабо работат и со тоа Чаршијата повторно ќе биде функционално градско јадро и атрактивен простор не само во секојдневниот живот на нашите сограѓани туку и за различни културно-уметнички проекти – потенцира Сарамандов.

Гевгелиската чаршија е споменик на културата од крајот на 19 век и е дел од историјата, културата и идентитетот на гевгеличани. Патописците од тоа време велат дека еснафот длабоко ги пуштил своите корени во Гевгелиската чаршија, во чии дуќани немало што нема. Според зачуваните податоци, во Гевгелија, на почетокот од 20 век имало 225 дуќани, 24 магацини и девет ана, додека најзастапени биле ковачкиот, лимарскиот, кројачкиот, чевларскиот и бакарџискиот занает.

(Љ. А.)

 

ИЗДВОЕНИ