Становите скапи, кириите уште повисоки

Странските работници, студенти, самовработени, ги качија цените на кириите. Во централното градско подрачје веќе не може да се изнајми стан под 300 евра месечно. – Кириите растат затоа што има многу странци кои се дојдени да работат во Македонија. Освен кај нас, бранот на работници од азиските земји е присутен и во Европа и таму кириите се многу качени. Приливот на странски работници придонесе да се зголеми побарувачката за станови, пред сè во Скопје, а тоа, пак, придонесе до повисока цена на изнајмување. Сопствениците на станови го искористија овој тренд и ги зголемија кириите – изјави за весникот ВЕЧЕР, Никола Велковски, градежен експерт

411

Со зголемување на цената на станбениот квадрат растат и цените на изнајмување. Младите кои последниве години многу потешко доаѓаат до стан поради скапиот квадрат и скапите кредити, сè почесто се решаваат да живеат под кирија. Познавачите на состојбите на пазарот велат дека освен цените на становите, поради големата побарувачка, растат и кириите. Во Скопје, последниве години има многу студенти и работници од други делови на државата, но и многу странци од Турција, Непал, Бангладеш… како и самовработени кои ја избираат Македонија како поевтина дестинација. Поради тоа, во централното градско подрачје веќе не може да се изнајми стан под 300 евра месечно.

– Кириите растат затоа што има многу странци кои се дојдени да работат во Македонија. Освен кај нас, тој бран на работници од азиските земји е присутен и во Европа и таму кириите се многу качени. Приливот на странски работници придонесе да се зголеми побарувачката за станови, пред сè во Скопје, а тоа, пак, придонесе до повисока цена на изнајмување. Сопствениците на станови го искористија овој тренд и ги зголемија кириите. Цената не е зголемена само поради домашното население, студентите и работниците од внатрешноста на државата, туку и поради странските студенти и работници, изјави за весникот ВЕЧЕР Никола Велковски, градежен експерт.

Тој вели дека има многу млади брачни парови кои живеат под кирија бидејќи цената на квадратен метар многу порасна и не можат да си дозволат да купат стан. Цената на квадратот се движи од 1.200 – 1.300 евра за квадратен метар на периферија до преку 2.500 евра во централното градско подрачје.

– Освен скапите станови, многу млади брачни парови немаат пари за учество, а и каматите на кредитите се многу високи и со платите тешко може да ги подмират сите трошоци. Поради тоа, наместо да купат стан, сè почесто се решаваат да живеат под кирија. Државата треба да обезбеди евтини станови за млади брачни парови кои ќе се доделуваат по некои однапред утврдени критериуми, а не да се даваат на лицитација каде, пак, цената е висока и достигнува до 2.000 евра за квадратен метар – појаснува Велковски.

Од агенциите за изнајмување на недвижности велат дека и за да изнајмиш стан треба да имаш пари бидејќи освен првата кирија, треба да оставиш депозит и да платиш 50 отсто од првата кирија на агенцијата. Велат дека најбрзо се издаваат малите станови кои се наоѓаат во централното градско подрачје, каде без оглед на тоа дали станот е стар или реновиран, цените за изнајмување се движат преку 300 евра месечно.

И Европа се соочува со сериозен проблем поради растот на цените на становите и на кириите. Во текот на последните 15 години, кириите во ЕУ реално се зголемени за околу една четвртина, а цените на становите за околу половина. Речиси 900.000 луѓе моментално се без покрив над главата, а 10 отсто од населението троши 40 отсто или повеќе од својот приход за домување и за поврзани трошоци.

Поради високите цени на становите во Италија, меѓу 10 и 15 отсто од приватните станови се празни. Во Данска, растат и кириите и цените на становите, а една од најголемите дански банки, „Нукредит“, очекува просечните цени на становите во Данска да пораснат за 4,4 отсто оваа година. На пазарот на станови во Копенхаген, годинава се очекува зголемување на цените за 6,2 отсто.

Во Ирска, цените на куќите минатата година се зголемија речиси двојно повеќе отколку во 2023 година. Централниот завод за статистика објави дека цените на становите во декември биле за 8,7 отсто повисоки од претходната година. Тоа значи дека годишната стапка на инфлација во тој сектор во 2024 година речиси двојно се зголемила.

(А.С.)

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ