Во сила е училишната кошничка, а од денеска, Државниот пазарен
инспекторат ќе започне со засилени теренски контроли низ целата
држава. Инспекторите ќе проверуваат дали трговците ги намалиле
цените на училишниот прибор и дали мерките се применуваат според
владината одлука.
Мерките за замрзнување и намалување на цените стапија во сила на
25 август и ќе важат до 30 септември 2026 година. Опфатените
производи во продавниците мора да бидат јасно обележани со
официјалниот натпис „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, а покрај
новата цена треба да биде истакната и претходната продажна цена.
Предвидениот попуст е најмалку 10 отсто во трговијата на големо и
најмалку 15 отсто во трговијата на мало. Намалувањето се пресметува
според цените што важеле на 1 јуни 2026 година, односно според
приемниците за стоката набавена по овој датум.
Мерката ги опфаќа најчесто користените производи за почетокот на
учебната година – од тетратки, блокови и колажи, до моливи, пенкала,
ранци и чанти. На списокот се и линијари, папки, футроли, острилки,
гуми за бришење, лепила, шестари и детски ножички, како и
дигитрони и различни дидактички материјали.
Опфатен е и приборот за ликовно образование – дрвени боички,
фломастери, текст-маркери, темперни, акрилни и водени бои, четки,
пластелин и теста за моделирање, како и украсна хартија.
Потпретседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Ивен
Пешевски, вели дека не само што треба да се следи растот на цените
на основните производи и на школскиот прибор и да се носат мерки за
нивно намалување од 10 или 15 проценти, треба да се следи и растот
на платите.
– Ако сакаме европски цени, тогаш треба да имаме и европски плати.
Со плата од 26.000 денари, верувајте, и моливче од 10 денари и
тетратка од 10 денари, колку сакате да ги намалите, повторно ќе
бидат скапи, бидејќи нема пари детето да го испратите на училиште,
да го облечете, да му обезбедите ужина од 2.000 денари месечно, а
камоли за јазици, спортови и други активности – вели Пешевски.
Од Државниот пазарен инспекторат апелираат до трговците доследно
да ги почитуваат мерките, а инспекторите ќе постапуваат согласно со
Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите. За
непочитување на одлуката се предвидени парични глоби од 500 до
10.000 евра, во зависност од големината на фирмата. За целосно
непочитување на мерките предвидена е и забрана за вршење дејност
во траење од 15 дена.
Контролите ќе опфатат трговци низ целата држава, а инспекторите ќе
проверуваат дали пропишаните попусти се применуваат и дали
производите се соодветно обележани. Граѓаните можат да пријават
неправилности доколку забележат дека некој трговец не ги намалил
цените или не ги обележал производите согласно мерките. Пријавите
може да се поднесат во Државниот пазарен инспекторат на
телефонскиот број 191 или електронски преку www.dpi.gov.mk.
(С. Бл.)












