недела, август 30, 2026
Дома СВЕТ Херојската одлука на директор на средно училиште спаси 900 ученици од поплавите...

Херојската одлука на директор на средно училиште спаси 900 ученици од поплавите во Непал: „Во прашање беа секунди“

148
Foto: Screenshot/Video/Facebook

Директорот на едно непалско училиште опустошено од поплави изјави дека откако добил неколку телефонски повици со предупредување за опасноста од поплави во областа, решил да евакуира околу 900 ученици на безбедно место, пишува „Би-би-си“.

Раџендра Давади, кој е директор на средното училиште Трибхуван Тришули во округот Нувакот, кое има нешто повеќе од 1.600 ученици, изјави за „Би-би-си“ дека добил четири одделни предупредувања во рок од неколку минути.

Меѓу повиците била и информацијата дека поплавата веќе поминала низ населбата Бетравати, која се наоѓа спротиводно. Тогаш тој ја донел одлуката за евакуација.

„Решив дека не можам повеќе да чекам. Дури и да не дојде поплавата, тоа беше само еден ден настава“, изјави тој за „Би-би-си“.

Додека се евакуирале на повисоко место, Давади ја видел водата како ја носи и ја потопува зградата на интернатот на околу 100 метри од реката.

„Доколку ја донесовме одлуката само 10 минути подоцна, никој од нас, вклучувајќи ги и учениците и мене, немаше да може да разговара со вас денес“, изјави тој за „Би-би-си“.

Една од 900-те ученици спасени со одлуката на директорот беше 16-годишната Јуниша, која вели дека избегала само неколку моменти пред поплавата.

„Јас, заедно со моите пријатели, си го спасивме животот за само 10 секунди“, изјави таа за „Би-би-си“.

Јуниша опиша како трчала по тесна, каллива патека зад училиштето со други ученици. „За кратко време, чаршијата беше збришана пред моите очи“, додаде таа.

Јуниша, која го даде интервјуто заедно со нејзината мајка Сабина Шреста, рече дека нејзиното семејство поминало часови очајно обидувајќи се да ја контактира откако ја слушнала веста за поплавата.

„Се испаничив. Неколку пати се обидов да им се јавам на ќерка ми и на нејзиниот татко, но двајцата не беа достапни“, рече мајката на девојчето.

Семејството беше загрижено сè додека Јуниша не се врати дома три дена подоцна.

„Толку сум среќна и олесната. Бог го спаси моето мало девојче“, рече мајката на Јуниша.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ