Српскиот тенисер Стефан Милиќевиќ (29) е суспендиран до 24 години поради кршење на антикорупциските правила, објави Меѓународната агенција за интегритет на тенисот (ITIA). Милиќевиќ ќе го врати правото на настап дури на 9 октомври 2050 година, кога ќе има 53 години. Покрај долгорочната суспензија, тој е казнет и со парична казна од 70.000 долари.
Особено е интересно што српскиот тенисер заработил само 4.858 долари од турнирски награди во текот на целата своја професионална кариера, што значи дека казната е речиси 14,5 пати поголема од неговиот вкупен приход на теренот.
Според ITIA, од 2022 до 2024 година, Милиќевиќ учествувал во наместување на шест натпревари, од кои пет ги играл самиот, а е обвинет и за обид за манипулирање со резултатите на уште шест натпревари.
Покрај тоа, беше утврдено дека се обидел да вклучи други професионални тенисери во активности за местење натпревари и обложување.
Агенцијата ја спроведе истрагата во 2026 година, но Милиќевиќ не соработуваше со истражителите. ITIA се обиде да стапи во контакт со него во седум наврати, преку различни комуникациски канали, но немаше одговор.
По завршувањето на истрагата, на 24 септември, на српскиот тенисер му беше испратено официјално известување за сериозни прекршувања на антикорупциските правила. Бидејќи тој и тогаш не се пријави, санкцијата стапи на сила на 9 октомври 2026 година.
За време на суспензијата, на Милиќевиќ му е забрането да игра, да тренира или да присуствува на турнири под покровителство на ATP, WTA, ITF, гренд слем турнирите и националните тениски федерации.












