Две од најголемите европски компании за одгледување лосос се подготвуваат да користат храна заснована на живинско месо, а според „Фајненшел тајмс“, норвешкиот производител „Мови“ (Mowi) планира да ја воведе, додека друг норвешки производител, „Лерој“ (Lerøy), веќе ја користи оваа храна во сите свои морски фарми.
Весникот наведува дека компанијата „Григ“ (Grieg) веќе вовела храна заснована на живинско месо за својот лосос и моментално ја тестира.
Сè до 2013 година, хранењето на одгледуваните риби со животински протеини беше забрането. Оттогаш, производителите ја избегнуваа оваа практика – веројатно поради страв од негативна реакција кај потрошувачите – но, според германскиот магазин „Дер Шпигел“ (Der Spiegel), се чини дека тоа табу сега е укинато.
Во Европската Унија и во Обединетото Кралство, употребата на храна за риби на база на живинско месо беше забранета поради загриженост за ширење болести.
Иако Норвешка не е членка на ЕУ, норвешките компании управуваат со капацитети за аквакултура покрај брегот на Шкотска. Европската комисија го промени својот став, наведувајќи дека не постојат здравствени ризици.
Одлуката лососот да се храни со производи од живинско месо првенствено има за цел намалување на трошоците на рибните фарми.
Лососот во природата се храни со риба, но цената на храната за лосос на база на риба е двојно зголемена во последните две години, додека храната заснована на живинско месо чини приближно половина од таа сума.












