Заминува ли и каде? Вакво прашање се поставува во однос на политичката иднина на актуелниот министер за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, од редовите на коалицијата „Вреди“ откако синоќа се појави во друштвото на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и лидерот на крилото на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари. На фотографијата, која се споделува на социјалните мрежи од прексиноќа, министерот Лимани е во друштвото на Ахмети, Таравари и на други опозициски политичари од албанскиот корпус во нашата земја, додека седат на терасата на угостителски објект во Тирана. Тие беа поканети од албанскиот премиер, Еди Рама, на ифтарска вечера, во време на големиот рамазански пост. Покана, според сознанијата, била упатена и до другите лидери на коалицијата „Вреди“, која е дел од владиното мнозинство – Изет Меџити и Билал Касами, но тие не се одѕвале. Наместо во Тирана, Меџити и Касами решиле да се појават на ифтарската вечера што, исто така прексиноќа, била закажана од премиерот Христијан Мицкоски. Која била причината за тоа што решил министерот Лимани да замине во Тирана и да не биде во друштво на коалициските партнери и премиерот, останува непознато. Лимани вчера беше недостапен за каков и да е коментар.
„Вреди“ го отпиша
Но, коментар за тиранското дружење меѓу Ахмети и Лимани дојде уште прексиноќа, од редовите на коалицијата „Вреди“, со чии лидери актуелниот министер за социјална политика веќе подолго време има нарушени односи. Во прексиноќешната објава на фејсбук-страницата на оваа коалиција, која е дел од владиното мнозинство, се појавува дилемата дали им се придружил Лимани на албанската опозиција и на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
– Актуелниот министер, Фатмир Лимани, „замина“ кај Али. Како го коментирате неговото заминување од движењето Беса? – стои во објавата на фејсбук-страницата на „Вреди“.
На фотографиите, кои се споделуваат од ифтарската вечера, на социјалните мрежи, може да се видат и други детали. Познато е, албанскиот премиер, Еди Рама, е познат како политичар што има мошне блиски односи, особено со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и со други функционери на интегративците. Наспроти ова, косовскиот премиер, Албин Курти, одржува блиски врски со лидерите на коалицијата „Вреди“. Министерот Фатмир Лимани и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дојдоа на вечерата заедно, придружувани од албанскиот амбасадор во Македонија, Денион Мејдани. Потоа, во салата, Ахмети доби почесно гостинско место, веднаш до премиерот Еди Рама на централната маса, додека министерот Лимани седеше на соседната маса, во друштво на амбасадорот Мејдани. По вечерата, надвор од главата сала, министерот Лимани се најде во друштво на Ахмети, Таравари и на други опозициски политичари, што веднаш ја поттикна дилемата дали се случува негово доближување кон Али Ахмети, со кого, инаку, е во блиски роднински врски. Ова од причина што Лимани е во специфична положба во рамките на коалицијата „Вреди“, каде што е дел преку партијата Беса. Лидерот на Беса, Билал Касами, неодамна најави дека е можна смена на Лимани од министерската функција, поради незадоволство од неговата работа.
Од ДУИ вчера не сакаа многу да коментираат за мотивите на актуелниот министер за дружбата со Али Ахмети.
– Можеме да кажеме само тоа дека е поврзана средбата со ифтарската вечера што ја организираше албанскиот премиер, Еди Рама. Но, во редовите на „Вреди“ постои масовно дистанцирање на нивните разочарани припадници од нивните политики и преминување во нашите редови – изјави Арбр Адеми, партискиот потпретседател.
Наспроти ова, од коалицијата „Вреди“, во изјава за телевизијата „21“, нагласија дека во интерес на вистината и за да се избегнат различни толкувања во јавноста, Лимани треба лично да објасни зошто седел заедно на маса со Али Ахмети и со Арбен Таравари.
– Во интерес на вистината, а со цел да се прекинат различните толкувања за вечерашната ифтарска фотографија кај албанскиот премиер, Еди Рама, очекуваме Фатмир Лимани лично да ѝ објасни на пошироката јавност зошто седел на заедничка маса со Али Ахмети и со Арбен Таравари. По сè што јавно има изјавено против нив, Лимани има морална обврска да ги разјасни забуните што природно се наметнуваат – изјавија од „Вреди“.
Лидерот на Беса, Билал Касами, во телевизиска изјава дека не е добра пораката.
– Објавената фотографија од состанокот не испраќа добра порака за министер што останува дел од Владата во која е вклучена и коалицијата „Вреди“. Лимани мора да ја разјасни причината за состанокот и се очекува да се дискутира за прашањето во рамките на „Вреди“ – рече Касами.
Политички аналитичар Џелал Незири за весникот ВЕЧЕР оценува дека не верува дека ќе се доближи Лимани до ДУИ.
– Можеби, односите на Лимани со Ахмети се релаксирани, но нема да ги видиме двајцата под еден политички покрив. Најверојатно, Лимани ќе формира свој политички субјект и ќе остане дел од владината коалиција, надвор од „Вреди“ – смета тој.
Проблем за премиерот
Дали ќе се случи реконструкција на министерот Лимани, сега најмногу зависи од ставот на премиерот Христијан Мицкоски. Тој, познато е, по јавното манифестирање незадоволство од редовите на „Вреди“ во однос на Лимани, го поддржа министерот.
– Јас сум задоволен од работата на г. Фатмир Лимани и мислам дека е додадена вредност во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Јас сум мандатар на Владата и јас ја правам Владата. Ако некој го заборавил тоа, еве да потсетам – изјави тогаш премиерот Христијан Мицкоски.
Но, сега останува да се види дали тиранското дружење на Лимани со Ахмети и со Таравари ќе го смени ставот на премиерот Мицкоски. Односно дали може лошо да се одразат овие сигнали за зближување на некогаш големите политички непријатели врз имиџот на Владата во јавноста, во која не се ретки и сомнежите за доближување до опозициската коалиција предводена од ДУИ. Инаку, лидерот на Беса, Билал Касами, неодамна не му го оспори правото на премиерот да ја составува Владата, но, сепак, потенцираше дека предлозите за министри доаѓаат од коалицијата „Вреди“.
– Лимани не е опфатен во проектот за трансформација на „Вреди“ во една политичка партија. Тој остана надвор, така што, најверојатно, ќе формира нова политичка партија, заедно со другите што не се најдоа на листата на „Вреди“. ДУИ секако дека ќе го искористи моментот за да ги затопли односите со ВМРО-ДПМНЕ. Ахмети не гледа перспектива кај СДСМ и воопшто кај македонската левица, така што единствена врата кон власта останува ВМРО-ДПМНЕ, барем во догледно време – потенцира аналитичарот Незири. (Б .Ѓ.)
Предупредување од вицепремиерот Фетаи
Во редовите на коалицијата „Вреди“ се поставува и прашањето за иднината на вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи. Според неофицијални извори, тој е тргнат настрана од актуелното договарање на лидерите на коалицијата. Неодамна, двајца пратеници, Мимоза Муса и Илир Демири, му се приклучија на министерот за здравство, Азир Алиу, кој е водач на едното крило на Алијанса за Албанците, кое дојде во судир со сопартиецот Фетаи. Деновиве беше забележано отсуството на Фетаи од заедничката средба на лидерите на „Вреди“ со косовскиот премиер, Албин Курти. Фетаи, кој се противи на предложениот модел на обединување на „Вреди“ со двајца копретседатели, оформи групација наречена „Нова иницијатива“. Но, деновиве, тој објави предупредувачка порака на социјалните мрежи.
– Лекцијата е едноставна: кога почнува движењето да го консумира својот народ поради апетитите на фракции, секој од нив може да се зајакне привремено, но на крајот движењето ја јаде својата глава – предупреди Фетаи.












