Иако сè уште нема потврда дали ќе се случи средба на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова со нејзиниот бугарски колега Румен Радев, идниот месец на НАТО самиот во Хаг, под капата на ЕУ, НАТО и САД, овој формат што го предложи македонскиот премиер Христијан Мицкоски се смета за одлична можност каде аргументите ќе можат да се презентираат пред високи претставници на меѓународната заедница. Сепак, дел од познавачите порачуваат дека македонската страна не треба да има големи очекувања од средба во ваков формат и покрај најавеното присуство на високи претставници на меѓународната заедница и единствен начин за придвижување кон конечно решение, е промена на позициите или на Софија, или на Скопје.
Поранешниот амбасадор Ристо Никовски е убеден дека Софија ќе мора да прифати средба, бидејќи инаку ќе покаже некооперативност. Во изјава за весникот Вечер, тој вели дека земјава мора да разговара со источниот сосед и да бара решение, а откако нема да го добие, да продолжи со свои радикални чекори. Никовски не е сигурен дека разговорите со нив треба да ги води претседателката на државата.
-Македонија е оставена во чекалната на ЕУ предолго време и под блокада. Тоа е резултат, меѓу другото, на обврските кои ги прифативме и кои не ги исполнивме. Јасно е дека зад сето тоа стои Софија. Нема друг избор, освен да се разговара со нив, и сите иницијативи во таа насока се позитивни. Не сум сигурен дека разговорите со нив треба да ги води претседателката на државата. Бугарите средба ќе прифатат секако, бидејќи инаку ќе покажат некооперативност. Меѓутоа, мораме да бидеме свесни дека Софија нема да ги промени своите ставови ниту за милиметар. Тие, тоа веќе илјада пати ни го кажаа, имаат силен аргумент дека нивните максимални и бесмислени во основата барања ги поддржа Брисел и, што е уште пострашно, ги вгради во преговарачката рамка. Затоа, мора да ни биде јасно, дека излез од ќор-сокакот и темниот тунел може и мора да бидат само наши радикални исчекори. Се друго е губење на време. Во основата, тоа значи откажување на вториот протокол кој што е моментално корен на сите наши проблеми. Со него паѓа во вода и Преговарачката рамка и ултиматумот да го менуваме уставот. Но, пред да преземе радикални чекори Македонија мора да разговара со Софија и да бара решение, и откако нема да го добие да продолжи со свои радикални чекори, вели амбасадорот Никовски во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Премиерот Христијан Мицкоски, на средбата во Скопје, со високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, во петокот, меѓу другото, разговарале и за билатералната средба со бугарската страна, за нејзиниот формат, кој се би можел на неа да присустуствува и каде би можела да се одржи. Според Мицкоски, претстојниот Самитот на НАТО во Хаг е добра можност за средбата, на неа би присуствувале претседателката Сиљановска-Давкова, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, а составот го прошириле и со можноста за присуство на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Тој истакна дека таа средба би била мошне полезна, бидејќи двете страни изнесуваат свои аргументи и оти е потребно да се седне на иста маса и да се разговара без разлика, колку ќе траат тие разговори.
– Го проширивме тој состав и со генералниот секретар на НАТО. Дел од земјите членки во НАТО, нели од нив најголемите тоа се САД, за да можеме да ги кажеме на билатерална средба аргументите, истакна Мицкоски на заедничката прес-конференција со Калас, одговарајќи на новинарско прашање за евентуалната средба на Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Радев и за тоа во каков формат се планира.
Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедност, Каја Калас, за време на посетата во Скопје, испрати порака дека европската интеграција на земјава останува приоритет, но и дека постои подготвеност за нови пристапи доколку актуелниот процес остане во ќорсокак. Одговарајќи на прашањето дали ЕУ има „план Б“ за Македонија, слично како за Украина, Калас истакна дека фокусот останува на основниот пат.
– Како што и за другите случаи што ги споменавте. Ние се фокусираме на „план А“ и се обидуваме планот „А“ да профункционира. Затоа што кога се префрлате кон „план Б“, тогаш „план А“ излегува од игра. Можеби ви звучам како да зборувам шифрирано, но сакам да ви кажам дека сѐ уште се надеваме дека планот А ќе профункционира и ќе биде успешен. Работиме кон тоа, доколку не, тогаш ќе поминеме кон следната фаза, рече таа.
Во однос на можните механизми за деблокада на евроинтегративниот процес, Калас потврди дека Брисел е свесен за пречките и работи на нивно надминување, но, по посетите на Кошта и на Калас во Скопје, јасно е дека Брисел очекува Македонија ќе ги исполни превземените обврски за уставните измени, додека македонскиот премиер е дециден дека тоа нема да се случи без гаранции дека ова ќе биде последно билатерално барање за земјава. (В.С.Н.)