34-годишен државјанин на Србија е казнет со две парични казни од по 1.500 евра, откако во два наврати бил регистриран како вози со над 160 километри на час на автопатот А1, на делницата кај Демир Капија, каде максимално дозволената брзина е 80 километри на час.
Д.П. бил приведен на 29 август во 23:20 часот на граничниот премин Табановце, при излез од државата. При проверка на неговото возило „шкода“ со српски регистарски ознаки, преку системот „Безбеден град“ било утврдено дека во два наврати бил евидентиран за кривично дело безобѕирно управување со моторно возило.
Првиот случај бил регистриран на 22 август во 13:42 часот, кога кај Демир Капија возел 163 километри на час на делница со ограничување од 80 километри на час.
Но, само два дена претходно, на истата делница, тој бил снимен и со уште поголема брзина – 169 километри на час.
Основниот суд Неготино му изрекол две казни од по 1.500 евра за двете кривични дела. Казните биле веднаш платени.
Особено интересен е вториот случај. Д.П. бил само еден километар на час под границата по која, под законски предвидените услови, можело да следува и одземање на возилото. Наместо 169, доколку возел 170 километри на час, би ја надминал дозволената брзина за цели 90 километри на час.
Случајот е дел од засилените постапки против несовесните возачи на делницата Градско–Демир Капија. Во последните седум дена таму биле поднесени пет кривични пријави против странски државјани за безобѕирно управување со моторно возило.
Покрај српски државјани, меѓу пријавените имало и државјани на Холандија и Шведска. Четворица од нив добиле максимална парична казна од 1.500 евра, додека еден бил казнет со 1.000 евра. Сите казни биле веднаш платени.












