Лавина реакции во јавноста предизвика убедливиот пораз на македонската ватерполо репрезентација до 16 години од Унгарија со 41:0, на „Балкан ватерполо гејмс 2026“.
Ваквиот резултат е оценет како симбол на подлабоките проблеми со кои со години се соочуваат федерациите, клубовите и младинските категории во земјава. Меѓутоа, јавноста го постави прашањето дали станува збор за еден исклучително лош меч или за последица на долгогодишното отсуство на стратегија, континуирани вложувања и развој на младите спортисти.
-Поразот на Македонија од Унгарија со неверојатни 41:0 на „Балкан ватерполо гекмс 2026“ (У16) не е само тежок резултат. Тој е симбол на подлабок проблем што со години се игнорира. Дали е ова само еден лош ден или, конечно, е време да признаеме дека македонскиот спорт тоне сè подлабоко?
Во најважните и најрелевантни спортови, Македонија со години бележи слаби резултати на меѓународната сцена. Наместо системски развој, стратегија и вложување во младите, често се радуваме на „големи успеси“ од турнири и натпреварувања кои, за жал, немаат голема тежина во светот на спортот.
Додека другите држави создаваат олимпијци, европски и светски шампиони, ние премногу често создаваме привид дека сè е во ред. Организираме прослави, објавуваме фотографии со медали и титули, а реалноста на терен е сосема поинаква.
Резултат како 41:0 не смее да биде повод само за критика на младите ватерполисти. Напротив, тие се последните што треба да ја понесат вината. Одговорноста е кај системот: кај оние што со години управуваат со спортот, носат одлуки и трошат средства, а резултатите постојано изостануваат. Можеби, најголемото прашање не е како загубивме со 41:0 туку до кога ќе се лажеме дека сме на вистинскиот пат.
Ако и по вакви резултати не се вклучи алармот, тогаш проблемот не е само во ватерполото. Проблемот е многу поголем: во начинот на кој го градиме македонскиот спорт, се критиките на социјалните мрежи по повод големиот пораз на ватерполистите.
За завршниот настапот на македонската ватерполо репрезентација на Балканското првенство У-16, на својот фејсбук-профил, кометираа и челниците на Националната пливачка федерација.
– Иако настапивме на првенството со подмладен состав, нашите репрезентативци покажаа борбеност, карактер и огромна желба за докажување. На секој натпревар го дадоа својот максимум, гордо носејќи го македонското знаме и достоинствено претставувајќи ја нашата држава, како во базенот така и надвор од него.
По долгогодишна пауза, Македонија повторно има национална ватерполо репрезентација што чекори кон европската сцена. Оваа генерација е темелот на иднината и доказ дека македонското ватерполо повторно живее.
Ова не е крај, ова е само почеток. Продолжуваме да работиме уште посилно, со една цел, а тоа е Македонија повторно да биде препознатливо име на европската ватерполо мапа.
Продолжуваме да инвестираме во младите, да создаваме нови генерации и, чекор по чекор, да го вратиме македонското ватерполо таму каде што заслужува да биде. Горди сме на секој репрезентативец, на стручниот штаб и на сите што беа дел од ова патување.
Македонија повторно има репрезентација. Македонија повторно има иднина во ватерполото – се вели во соопштението на Федерацијата.
Од Федерацијата велат и дека оваа генерација веќе се подготвува за Европското првенство до 16 години во 2027 година, како и за Светското првенство во 2028 година. Поради тоа, било оценето дека е важно играчите уште сега да почувствуваат што значи да се настапува против репрезентации што припаѓаат во европскиот и во светскиот врв.
Кога сме кај ватерполото, Македонија, на сениорско ниво, досега има играно на три европски првенства и на едно Светско првенство, а најдобар резултат е осмото место на Европското првенство во 2008 година. Но, мора да се спомене дека тогаш речиси целата репрезентација беше составена од натурализирани играчи од поранешните југословенски републики.












