вторник, октомври 20, 2026
Дома МАГАЗИН „Спотифај“ отстрани 50 милиони песни генерирани од ВИ

„Спотифај“ отстрани 50 милиони песни генерирани од ВИ

21
Фото:википедија

Шведската платформа за стриминг на музика, „Спотифај“ (Spotify), оваа година отстрани 50 милиони песни генерирани од вештачка интелигенција (ВИ) од својот систем за препораки. Ова е дел од напорите за ограничување на несаканата содржина и злоупотребите поврзани со брзиот развој на технологијата за вештачка интелигенција, соопштија денес од компанијата.

На својот блог „For the Record“, компанијата наведе дека исто така целосно отстранила повеќе од 75 милиони песни од платформата поради сериозни или повторени прекршувања на нејзините правила.

„Оваа работа сè уште не е завршена. Вештачката интелигенција брзо се развива, а оние што ја злоупотребуваат, исто толку брзо ги прилагодуваат своите методи. Сепак, веруваме дека слушателите уште повеќе ќе ја ценат човечката креативност, бидејќи вештачката интелигенција ја прави музиката сè подостапна“, истакнаа претставници на компанијата.

Според „Спотифај“, експертите ги анализирале песните што слушателите најчесто ги прескокнувале, игнорирале или одбивале да ги слушаат; анализата покажала дека овие композиции често биле идентификувани како непотребна содржина или „спам“.

Од „Спотифај“ наведуваат дека во текот на изминатите шест месеци, нивниот систем за препораки е подобрен за да даде предност на автентичната музика од уметниците. Уредниците на платформата, исто така, применуваат исти стандарди и не вклучуваат содржини генерирани од вештачка интелигенција во своите плејлисти.

Исто така, се наведува дека платформата користи комбинација од неколку показатели за откривање на несакана содржина – вклучувајќи го ангажманот на слушателите, шемите на поставување песни и метаподатоците – заедно со алатки од трети страни наменети за идентификување на содржини создадени од вештачка интелигенција.

Според компанијата, платформата има верификувано над 300.000 уметници – што опфаќа повеќе од 99 отсто од пребарувањата на корисниците – при што независните музичари сочинуваат над 70 отсто од таа група. Дополнително, воведена е ознака „AI Persona“ (виртуелен изведувач) за илјадници виртуелни уметници.

Нивните профили се исклучени од алгоритамските препораки, освен ако корисниците експлицитно не изберат да се претплатат на нив.

„Спотифај“ наведува дека е единствената голема платформа за стриминг што ги означува изведувачите генерирани од вештачка интелигенција. Минатата година, во текот на 12 месеци, платформата отстрани повеќе од 75 милиони песни генерирани од вештачка интелигенција, кои биле идентификувани како несакана содржина, пренесува „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ