Јавниот обвинител на Париз, Лор Бекуо, изјави дека околу 300 лица се изведени пред судија по апсењата и немирите што се случија за време на протестите низ Франција изминатиот викенд.
„557 лица беа задржани во полициски притвор – случаи со кои првично се занимаваше Јавното обвинителство во Париз – при што речиси 90 отсто се полнолетни лица“, изјави обвинителката Бекуо за радиото РТЛ, додавајќи дека судиите сè уште ги разгледуваат предметите на лицата уапсени во неделата.
На прашањето дали приведените се радикални левичарски активисти, престапници од предградијата кои ја искористиле можноста, или пак средношколци, таа одговори дека, врз основа на списокот со кој располага и поднесените обвиненија, никој не навел некаков политички мотив.
Министерот за правда, Жералд Дарманен, во понеделникот изјави дека издал „инструкција до сите јавни обвинителства низ Франција, со барање овие случаи да се преквалификуваат како организиран криминал“ – потег што би овозможил продолжување на полицискиот притвор од 48 на 72 часа.
Обвинителката Бекуо апелираше до сите очевидци кои можеби поседуваат снимки од насилството „да се јават во најблиската полициска станица“, пренесе „Бета“.












