Спасен е параглајдеристот кој висеше на дрво високо 30 метри кај Крушево, потврдија од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
„Во лоши услови со силен ветар и во ноќ, тимот за спасување на планина на Дирекцијата за заштита и спасување предмалку безбедно го симна од дрвото на кое беше закачен странскиот параглајдерист кој за среќа нема сериозни повреди“, рече директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Претходно од ДЗС известија дека денес доцна попладне од страна на полициската станица Крушево биле информирани дека странски државјанин, додека летал со параглајдер удрил во дрво високо над 30 метри, од ударот се здобил со повреди и останал да виси на дрвото. Несреќата се случила во близина на Крушево.
Бидејки локалните сили не можеле да го симнат повредениот параглајдерист итно е активиран тимот за спасување на планина на Дирекцијата за заштита и спасување.