
Советската автоматска станица Космос-482, која беше во Земјината орбита од 1972 година, влезе во густите слоеви на атмосферата и падна во Индискиот Океан, соопшти руската вселенска агенција „Роскосмос“.
„Според пресметките на експертите од АД ЦНИИМас (дел од Роскосмос), станицата влезе во густите слоеви на атмосферата во 9:24 часот по московско време, 560 километри западно од Средниот Андамански Остров, и падна во Индискиот Океан западно од Џакарта“, се вели во соопштението, објави „Интерфакс“.
„Роскосмос“ соопшти дека спуштањето на станицата било контролирано од Автоматизираниот систем за предупредување за опасни ситуации во близок вселенски простор.
Советската автоматска станица Космос-482 беше лансирана во март 1972 година кон Венера. Поради абнормалното работење на засилувачот, таа не влезе во меѓупланетарна орбита и остана во висока елиптична Земјина орбита.
Со текот на времето, станицата почна да се приближува кон Земјата поради триење со горните слоеви на атмосферата.
Дијаметарот на станицата е околу еден метар, а нејзината тежина е помала од 500 килограми.
На 7 мај, прес-службата на „Роскосмос“ за „Интерфакс“ изјави дека веројатноста за штета од пад на станицата е исклучително мала.