Бројот на сообраќајните прекршоци што ги регистрира системот „Безбеден град“ е во нагорна линија, покажа и четвртиот месец од стартот на овој проект замислен да ја подобри безбедноста на сообрќајниците. МВР вчера соопшти дека бројот на регистрираните прекршоци минатиот месец изнесувал 28.494, а што е најголема бројка од стартот на видеоконтролата на 1 февруари.
– Од вкупниот број регистрирани прекршоци, најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената 27.360, регистрирани се 833 прекршоци за управување на возило со измината важност на сообраќајната дозвола и 301 прекршок за минување на затворен сигнал – црвено светло. Исто така, изречени се вкупно 781 мерка забрана за управување со возило. Од нив 295 се за минување на црвено светло, а 486 се за брзо возење – наведе МВР во своето соопштение.
Овие и претходните податоци на МВР покажуваат дека, од февруари, па до крајот на мај, постојано се зголемува бројот на сообраќајните прекршоци забележани со камерите. Така, на пример, камерите на системот „Безбеден град“ во градовите Скопје, Куманово и Тетово, како и по коридорите 8 и 10, отсега покажале дека возачите направиле најмалку прекршоци во февруари, кога и стартувал системот – 19.066. Но, веќе во следниот месец март, бројот на прекршоците се зголемил за околу седум илјади и нараснал на 26.241. Ново зголемување имало и во април, кога дури 28.033 возачи биле снимени како возат пребрзо, како поминуваат на црвено светло, како возат нерегистрирано возило или возило со истечена возачка дозвола. Сега, во мај споредено со април, бројот на прекршоците е зголемен за 461.
Весникот ВЕЧЕР неодамна пишуваше дека освен бројот на вкупните прекршоци во периодот од февруари до април, се зголемувал и бројот на сообраќајните незгоди во земјава. Така, на пример, на подрачјето на Македонија во февруари имало 370 сообраќајни незгоди, во март – 504 а во април 573. Односно, вкупно 573 и секој месец сè повеќе… Неодамна, пак, на скопското подрачје се случија две тешки сообраќајни незгоди во кои загинаа дури пет лица. Во тешката сообраќајна незгода на скопската Обиколница загинаа четири лица, а на булеварот „Никола Карев“ загина еден мотоциклист.
Сето ова, пак, го поставува прашањето дали дел од возачите, и покрај новиот систем кој ги бележи прекршоците и високите казни за непочитување на сообраќајните правила и прописи, повторно се враќа кон опасното и недисциплинирано возење? Универзитетски професор Никола Дујовски, кој активно беше вклучен во изработката на новите законски решенија за подобрување на безбедноста во сообраќајот, смета дека сепак е рано да се зборува за тенденцијата со која се случува сè помасовно непочитување на прописите од страна на дел од возачите.
– Рано е да се каже дека дел од возачите пак си се враќаат кон недисциплината. За таков нешто сепак е потребно да поминат најмалку шест месеци, а потоа анализата ќе покаже каков е трендот. Факт е дека од почеток на февруари па до крајот на април, на скопското подрачје немавме жртви во сообраќајот. А минатата година, во тој период имавме дури девет жртви. Значи, подобрувањето е, сепак, големо. Но, еве, сега, деновиве се случија две тешки сообраќајни незгоди во кои животот го загубија пет лица. Сепак, за една генерална оценка сепак треба да почекаме – наведе Дујовски во изјавата за весникот ВЕЧЕР.
Како што е најавено, во наредниве месеци системот „Безбеден град“ ќе почне да се применува и во неколку други македонски градови. За во Охрид и Струга е најавено поставување на 40 камери, кои ќе бидат во функција на почетокот на туристичката сезона. И во Велес веќе се поставуваат камерите кои ќе бидат функционални до крајот на јули, а видеоконтрола ќе се воспостави и во Кавадарци, на 11 локации. (Б. Ѓ.)












