Ако патувате во Грција ова лето и не ги почитувате правилата, подгответе се за високи казни. Иако Грција веќе седум години има нов и многу построг закон за патниот сообраќај, сепак, треба да се потсетат туристите дека ако направат некој сообраќаен прекршок, ќе им се зголемат трошоците за одмор.
Во Грција значително е зголемен бројот на сообраќајните полицајци на патиштата и на улиците, кои се бескомпромисни и брзи во казнувањето на прекршителите. Исто така, како што велат искусните патници во оваа земја од ЕУ, важно е да се напомене дека е зголемен бројот на камери за брзина на главните патишта, а првата што ќе ја сретнат патниците од нашата земја се наоѓа многу блиску по граничниот премин Евзони, а пред излезот за Солун, која е една од најчестите маршрути за патување на туристите што патуваат кон грчкото крајбрежје.
За возење под дејство на алкохол, во Грција ќе платите од 78 до 1.200 евра, за надминување на дозволената брзина во населено место до 20 км/ч – 100 евра, за поминување на црвено на семафор и престигнување преку полна линија – 700 евра, за неносење појас – 350 евра, за непрописно паркирање – од 40 до 80 евра, за користење мобилен телефон при возење – 100 евра, за пушење во возило доколку има дете под 12 години во него – 1.500 евра и одземање на возачката дозвола.
За разлика од претходните прописи, исто така се предупредува дека во Грција веќе нема бенефит да се намали некоја од сообраќајните казни што ви се изречени на половина од износот доколку ја платите во рок од десет дена.
И не залажувајте се дека нема да платите за ниту еден од овие сообраќајни прекршоци направени во Грција. Доколку сè уште не е евидентирана казната за сообраќаен прекршок и не е испратена информација за неа на граничните премини, тоа не значи дека сте се спасиле од плаќање.
– Грците не може да ви испратат казна на домашна адреса, но следниот пат кога ќе влезете во Грција, ако не е застарена, казната сè уште е во системот и нема да ви биде простено, туку ќе треба да ја платите. Дополнително, постои регистар на сообраќајни прекршоци во ЕУ и голема е веројатноста дека ќе ви биде наплатена казна веднаш штом влезете во ЕУ, секаде каде што е направен прекршок во рамките на ЕУ – пишува на веб-страницата nikana.gr.