Вечерва, со почеток од 20 часот во „Котур“ ќе се отвори изложбата „Со сите наши чворови“ на Крсто Глигорјадис, чија кураторка е Наде Циева.
„Оваа изложба се надоврзува на делото „Распарчено тело“ на Глигорјадис, со тоа што ја материјализира метафичката и телесна траума преку визуелно и тактично доживување. Овие дела ја отсликуваат релацијата на телото со духот во потполност, прикажуваќи ја нивната спона, како и резултатот на нивното оттуѓување. Крсто Глигорјадис е мултидисциплинарен уметник кој во својата пракса ги истражува темите за машкост, телесност и идентитет преку темелна анализа на нивната историја од денешна гледна точка. Неговиот истражувачки и креативен процес е интроспективен чијшто производ е анахрони и полисемични дела кои се темелат на побивање на општествените норми и очекувања. Делата на Глигорјадис и овозможуваат на публиката да се сретне со сопствените, скриени инхибиции преку чин, ритуал на соочување и константно преиспитување на истите. Овој ритуал на самооткривање вон општествените и временски рамки има цел на ослободување преку одмотување на чворовите“, се посочува кон изложбата.












