Учениците од основното училиште „Гоце Делчев“ во валандовското село Пирава ќе посетуваат настава во современи услови, затоа што објектот е темелно реконструиран.
Станува збор за инвестиција 322.600 долари кои ги обезбеди Европската воена команда на САД преку Програмата за надворешна хуманитарна и цивилна помош, додека Министерството за образование и наука и општината ја обезбедија потребната документација и надзор на изградбата.
По повод завршување на инвестициската активност, денеска училиштето го посетија министерката за образование и наука, Весна Јаневска, заменик амбасадорката на САД во Македонија, Никол Варнс и заменик шефот на Канцеларијата за одбранбена соработка при амбасадата, мајор Даниел Силвер. Тие се согласни дека образованието е најважниот општествен сегнемт кој го детерминира севкупниот напредок на државата.
-Видов како изгледал овој објект до неодамна и гледам во што е трансформиран денес. Се радувам што дечињата од ова населено место добија услови какви што всушност треба да имаат сите ученици во државата. Во убава училишна средина, поинаква е енергијата. Ентузијазмот расте, се стимулира желбата за учење и за наука и се зголемува мотивацијата за работа и креативна настава“, рече Јаневска упатувајќи честитки до општинското раководство, вработените во училиштето и жителите – изјави Јаневска.
Таа додаде дека унапредувањето на образовната инфраструктура е меѓу повисоките владини приоритети, поткрепувајќи го со фактот дека само во моментов Владата има инвестициски циклус од 32 милиони евра, со кои се градат седум нови училишта, дваесеттина се реконструираат, се градат четири нови спортски сали и се обновуваат два студентски дома. Во педесетина училишта пак следи и поставување на фотоволтаични системи.
Јаневска најави дека на крајот на оваа и почетокот на следната календарска година ќе отпочнат и многу покрупни инвестиции, генерално врзани за високото образование, но и дека ќе продолжат вложувањата во основното и средното образование.
– Инвестирањето во образованието значи инвестирање во младите. А инвестирањето во младите значи инвестирање во иднината што сакаме да ја изградиме – заедно – рече Варнс.