Kопродукциската претстава „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ синоќа во Белград го отвори седмиот театарски фестивал РУТА во организација на Београдско драмско позориште што ќе трае до 6 декември.
На свеченото отворање, Душан Ковачевиќ, член на бордот на Регионалната унија на театри во обраќањето пред прубликата и претставниците на сите ансамбли членки на РУТА го истакна задоволството што за само неколку години тој прерасна во етаблиран регионален фестивал.
Ковачевиќ рече: „Резултат на таа искрена желба и многу труд е првата голема продукција на четирите театарски куќи од регионот кои ја реализираа претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ од авторот Душан Јовановиќ, во режија на Иван Пеновиќ“.
Станува збор за копродукција на Драмски театар (Скопје), Београдско драмско позориште (Белград), Местно гледалишче љубљанско (Љубљана) и продукцијата на Град театар (Будва). Изборот на текстот за оваа прва голема копродукција е направен со цел уметниците од регионот да ја обележат петтата годишнина од смртта на истакнатиот регионален драмски автор Душан Јовановиќ. Премиерата се играше во Црна Гора на 39. фестивал Град театар, Будва, а потоа претставата се изведе и на фестивалот „Охридско лето“ и на македонскиот фестивал РУТА во Драмски во октомври.

Публиката во Белград, во рамки на РУТА, на 3 декември ќе може да проследи уште две претстави од продукцијата на Драмски и тоа најновата хит-комедија „Куршуми над Бродвеј“ во режија на Ненад Витанов од 19:30 часот и претходно од 18:00 часот монодрамата „Кармен“ во режија на Дејан Пројковски.
Годинашниов, седми по ред, театарски фестивал во организација на Београдско драмско позориште носи и значајни новини што ја збогатуваат фестивалската програма. Освен главната програма на која театрите од регионот гостуваат со претстава од поновата продукција, се воведе и специјалната програма „МоноРУТА“ посветена на претставите работени во формат на монодрама. За првпат на фестивалот се организираат и серија едукативни „мастер-класови“ што ќе ги водат реномирани театарски уметници од регионот: Борис Лијешевиќ (режија), Душко Љутина (продукција) и Озрен Грабариќ (глума).












