Во Кавадарци денеска и официјално почна традиционалната манифестација „Тиквешки гроздобер“, во рамките на која прв пат беше подготвена гроздоберска трпеза.
– Трпеза исполнета со традиционална храна, грозје, звуци од музички инструменти и заедничка радост. Веруваме дека оваа убавина ќе прерасне во нова традиција, која секоја година ќе го збогатува духот на гроздоберот и ќе нè потсетува на заедништвото, вкусот и на радоста на нашиот крај – истакна градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.
Освен тоа, претходно беа претставени кралицата и кралот на манифестацијата и на карневалот.
– Тие се срцето на веселбата, предводници на шарената поворка и симбол на тиквешкиот дух. Со насмевка, костими и со чаша вино во раката, тие ги слават животот, традицијата и радоста – споделија од Општина Кавадарци, како организатор на манифестацијата, која започна денеска, а ќе заврши в недела.
Оттаму истакнаа дека станува збор за најголемиот празник, споделувајќи ги сите настани од овој фестивал на грозјето и на виното.
– Како добри домаќини, со гордост ќе ги нагостиме и карневалските делегации од регионот и уметниците од соседството, затоа што Гроздоберот отсекогаш бил симбол на пријателството и на поврзувањето. Гроздоберот е повеќе од манифестација – тој е заеднички празник на традицијата, на винската култура и на тиквешката душа – соопштија од Општината.