Словенија воведува пократко работно време за постарите работници

31

Од 1 јануари 2026 година, Словенија воведе нов модел на работа наречен „80-90-100“, кој носи значајни промени за постарите работници и за оние со долго работно искуство. Тоа е дел од пошироката реформа на пазарот на трудот, чија цел е да се задржат искусните вработени на работа, со подобра рамнотежа меѓу работата и приватниот живот.

Новиот систем вклучува три клучни ставки: 80 % од работното време – вработениот работи пократко работно време (на пр., четири дена во неделата или шест часа на ден), 90 % од платата – добива речиси целосна плата и покрај тоа што работи помалку време и 100 % од придонесите – пензиското и здравственото осигурување се плаќаат како да е вработен со цело работно време.

Новина е тоа што државата покрива дел од придонесите за овие работници.

Право да ги користат овие поволности имаат работниците постари од 58 години или оние со најмалку 35 години стаж.

Мерката предвидува работниците да потпишат договор со работодавецот, што овозможува приспособување кон потребите на компаниите и спецификите на работните места. Притоа работниците имаат право да изберат: еден слободен ден во неделата, долг викенд или пократок работен ден во текот на целата недела.

Оваа флексибилност е особено важна за физички понапорните работни места и сектори со големо оптоварување за вработените.

Словенечката Влада наведе дека ја воведува мерката поради  стареењето на работната сила, недостигот од квалификувани работници, потребата да се задржи искуството на постарите вработени подолго во компаниите, намалувањето на боледувањата и отсуството од работата и зголемувањето на целокупната продуктивност.

Моделот „80-90-100“ беше замислен како компромис помеѓу интересите на работниците, работодавците и јавните финансии.

Процените покажуваат дека новата мерка ќе има и буџетски трошок, бидејќи државата покрива дел од разликата во придонесите. Сепак, властите веруваат дека дел од трошоците ќе бидат компензирани преку подолг престој на работниците во работен однос и помал притисок врз пензискиот систем.

ИЗДВОЕНИ