Нема лабаво!
„Кучињата лаат, карванот си врви“, ете токму така убаво си вели народот. Како што дознаваме, Скопје повторно и тоа наскоро, ќе биде балкански центар во кој ќе ечи турбофолкот. Зошто ги носат, дали навистина не можеме без тие пејачи или затоа што салите се секогаш преполни кога тие пеат па, има и солидна заработувачка… тоа се многубројни прашања на кои нема одговор.
Затоа, пак, ќе има голем спектакуларен концерт и тоа пред пречекот на новата 2026 година. Поточно, на 20 декември во СЦ „Јане Сандански“ со своите турбофолк хитови ќе „распали“ контроверзниот Аца Лукас (со вистинското име Александар Вуксановиќ). Но нема да биде сам. Овој пат „напомош“ му доаѓаат и: Мира Шкориќ, која кај нас не е нешто особено популарна, а тука е и големата ѕвезда на народната музика, Мирослав Илиќ. Додуша, Мики (како нагалено го ословуваат) ни за „жива глава“ не пее турбофолк, на репертоар ја има само вистинската српска народна музика.
На Мики, очигледно, овој пат хонорарот му се виде повеќе од добар, па прифати да биде на истата сцена рамо до рамо со Аца Лукас, кој од Мирослав може да учи како се пее и како духовито се комуницира со публиката. Зад скопскиот концерт распеано насловен со „Кафеанска ноќ“ застанува „Хајп-продукција“, која ја продолжува својата регионална турнеја, а по успешниот ист ваков концерт во преполната сараевска „Скендерија“. Од продукцијата порачуваат дека тоа ќе биде не само обичен концерт туку и лудило од пеење и играње, празник на музиката, душата и празник на дружбата што сите ја посакуваме. Вистинска прослава на Нова година!
Аца Лукаc, познат по својата енергија на сцената и по бројните хитови, сето тоа ќе го спои во настапот со Мирослав Илиќ и со настапот на Мира Шкориќ. Замислено е сите тројцата заедно да направат вистинска предновогодишна „кафеанска бајка“. Тоа ќе бидат тие „моменти за паметење“. Барем така ветува Аца Лукас, а истото мислење го делат и Мира и Мирослав.
(Д. М.)












