Проектот „Безбеден град“ активно влегува во подготвителна фаза за имплементација. Од денеска започнува тестирање, калибрација и верификација на сообраќајните камери низ Скопје, што ќе предизвика повремени затворања на сообраќајници. Власта уверува дека проектот веќе дава резултати со намален број сообраќајни незгоди и спасени човечки животи, додека од опозицијата се очекува поддршка за законските измени неопходни за негово целосно спроведување од 1 февруари.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, се надева дека опозицијата ќе гласа за законските решенија за проектот „Безбеден град“ особено, како што вели, по ветувањето на лидерската средба. Порачува дека сите треба да учествуваат во овој проект, кој спасува животи.
На новинарско прашање дали Собранието ќе побара од МВР најмалку три месеци одложување на проектот, Николоски вчера рече дека „се работи за принципиелно прашање и оти може да одложуваме и месец, три и шест месеци, но на крајот на денот прашање е дали сакаме да има ред во државата или не“. Тој истакна дека за одложување треба да разговараат пратеничките групи и во насока на постигнатото на лидерската средба да се изгради консензус.
– Ова е проект кој спасува животи и сите треба да учествуваат во него. Гледате кој е опозиција. Опозиција е СДСМ, кој влезе во целосно деструктивна кампања, која, мора да признам дека не ја разбирам, и тука е ДУИ, за која добро се сеќаваме што се случуваше кога беше на власт. Се надевам дека ќе се опаметат и законите, особено оние што се двотретински ќе бидат изгласани, особено по ветувањето на лидерската средба – изјави Николоски.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не знае дали СДСМ ќе му даде поддршка на „Безбеден град“, но рече дека е важно што овој проект веќе ги постигнува своите основни и хумани цели. Премиерот порача граѓаните да го почитуваат овој проект и апелира и понатаму да бидат совесни.
– Бројките во јануари се уште поохрабрувачки во споредба со бројките од декември. Тоа значи имаме повеќе спасени човечки животи, помалку сообраќајни незгоди, помалку пациенти на траума и на крајот на краиштата, побезбеден сообраќај. Така што, ако веќе го гледаме оној хуман аспект на самиот проект, јас сум навистина задоволен. И она што мене ме радува е ако од почетните денови кога имаше неколку десетици илјади сообраќајни прекршоци, во одредени денови на почеток имаше и повеќе од сто илјади, сега веќе се движиме на бројката две-три илјади на ден. Тоа значи дека граѓаните го почитуваат овој проект и тоа е доказ дека можело да се почитуваат законите. Јас сум среќен што тоа се случува и благодарност до граѓаните, до возачите и апел да бидат совесни, изјави деновиве премиерот Мицкоски.
Тој рече дека на координативен состанок се разговарало и за заштитен механизам со кој ќе се гарантира податоците на граѓаните да не бидат злоупотребени со „Безбеден град“.
– Мора да имаме протоколи за многу работи. Вчера го разговаравме тоа. Во текот на имплементацијата ќе почувствуваме дека многу работи недостасуваат. Впрочем, никој проект не бил перфектен 100 отсто веднаш кога бил имплементиран. Логично е во следните 3 до 6 месеци да имаме одредени усогласувања. Но, исто така, ќе повторам, мене ме прави среќен тоа што го постигнавме хуманиот аспект од овој проект, а тоа е помалку жртви како резултат на сообраќајни незгоди, истакна Мицкоски.
Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи ги извести граѓаните дека во рамки на проектот „Безбеден град“, од денеска до сабота ќе се врши тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди (камери) за сообраќаен надзор.
„Тестирањата ќе се реализираат секој ден во периодот од 08:00 до 20:00 часот. За време на спроведувањето на овие активности, возилата на локациите каде што се врши тестирањето нема да бидат пропуштани додека трае постапката. Во првата недела од предвидениот период, активностите ќе се спроведуваат исклучиво на локациите со поставени камери на подрачјето на град Скопје“, стои во соопштението од МВР.
Оттаму ги повикаа граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности.
Филипче: Дискусии да, но за прашања од интерес на сите граѓани
СДСМ ќе ја поддржи секоја иницијатива што е потребна за да ја придвижи земјата напред, изјави вчера лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во однос на воведувањето на системот „Безбеден град“. Но, тој нагласи дека „мора да има јасна дистинкција, поддршка на сè она што е интерес и добро за сите граѓани, а не само за одреден круг луѓе блиски на власта“.
– Наша поддршка ќе има сè што е во насока на подобрување на безбедноста на граѓаните и тоа насекаде, не само во Скопје. Но, прво, власта не одговара што ќе се случува со огромното количество податоци што ќе ги генерира тој систем, имајќи предвид дека ВМРО- ДПМНЕ е позната по злоупотреба на такви податоци. И како второ, висината на казните. Тоа е нешто за што мора да се зборува во Собранието, рече вчера Филипче.
Филипче рече дека сè може да се направи ако се има волја и доколку е во интерес на граѓаните, за сè може да се дебатира. На прашањето дали СДСМ ќе поддржи реформска агенда и конкретно законот за прекршоци, опозицискиот лидер рече дека токму тој лично бил иницијатор за реформи, со тоа што веднаш по несреќата во Кочани отишол кај премиерот на состанок, затоа што верувал тогаш дека има желба за реформи и евроинтеграција. (В. С. Н.)












