Од 28 до 30 октомври во Скопје ќе се одржи 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), на кој ќе учествуваат околу 700 креатори на политики, експерти и бизнис-лидери од преку 60 земји, вклучувајќи и меѓународни организации, финансиски институции, приватниот сектор, академијата и граѓанското општество. Настанот ќе вклучува тридневна програма што ќе комбинира пленарни сесии и тематски работилници што ќе се занимаваат со најитните предизвици на денешниот енергетски пејзаж, а ќе се дискутира и за забрзување на глобалната транзиција кон чисти и инклузивни енергетски системи.

Настанот на високо ниво е заеднички организиран од Министерството за енергетика, рударство и минерални ресурси на Македонија, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и петте регионални комисии на ОН – Економските комисии на Обединетите нации за Африка (UNECA), за Европа (UNICE), за Латинска Америка и Карибите (UNECLAC), за Азија и Пацификот (UNESCAP) и за Западна Азија (UNESCWA).

Министерката за енергетика, Сања Божиновска, нагласи дека Скопје со овој настан ќе се најде на европската и на светската мапа.

– Ќе потпишеме и една заедничка декларација со Обединетите нации „Декларација Скопје“, со која ќе се дефинираат основните насоки кои се однесуваат на целите за идниот глобален одржлив развој на енергетскиот сектор, за да имаме сите почиста и поодржлива енергија – рече Божиновска.

Форумот ќе се отвори со пленарна сесија на високо ниво која ќе понуди стратешки преглед на глобалните и регионалните енергетски трендови, рамки за распоредување на чиста енергија и нови пристапи за финансирање на одржлив развој. Следните денови ќе бидат посветени на интерактивни дискусии на теми како што се енергетската безбедност и отпорност, дигитализација на енергетските системи, одржливо управување со критични суровини, финансирање на проекти за обновлива енергија и енергетска ефикасност и праведна транзиција на работната сила погодена од отстапувањето од фосилните горива.

– Сведоци сме дека во Северна Македонија најголем дел од енергијата доаѓа од термоелектраните, но исто така сме и сведоци на тренсформативните промени. На овој форум ќе имате можност да се запознаете со повеќе од 300 светски експерти од областа на енергетиката и тоа е одлична можност за Министерството за енергетика да научи нешто од нив и да склучи и партнерства со нив – истакна Армен Григоријан, постојан претставник на УНДП во земјава.

Под темата „Од цели до акција: Напојување на иднината со одржлива енергија“,ќе се фокусира на преточување на глобалните обврски во конкретни резултати. Организаторите велат дека дискусиите ќе обезбедат сеопфатна перспектива за енергетската трансформација, истражувајќи начини за споделување на национални и регионални стратегии, мобилизирање на финансирање и промовирање на иновации.

Посебно внимание ќе се посвети и на улогата на младите и жените во енергетскиот сектор, како и на новите модели за управување со врската храна-вода-енергија – сè поитно прашање во контекст на климатските промени и растечката побарувачка за ресурси.

Организаторите нагласуваат дека Форумот има за цел не само да размени најдобри практики, туку и да им помогне на владите и индустриите да идентификуваат практични чекори кон постигнување на Целта 7 за одржлив развој за прифатлива и чиста енергија. Дискусиите ќе се осврнат и на клучните пречки за напредок, вклучувајќи ги ниските тарифи за енергија, ограничениот пристап до финансии и потребата од посилна дигитализација и иновации во енергетските системи.

– Со собирање на меѓународните носители на одлуки и технички експерти на едно место, IFESD-14 се стреми да ја зајакне соработката, да го олесни трансферот на технологија и да ги поттикне прекуграничните инвестиции во инфраструктурата за одржлива енергија – истакнуваат од Министерството.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ