Градежните активности на кулата на Водно се завршени. Претседателот на Комисијата за електронски комуникации во Агенцијата за електронски комуникации, Орце Симов, сподели на „Фејсбук“ дека останува уште постапката за добивање употребна дозвола, која е во тек. Се очекува употребната дозвола да ја добијат овој месец. Воедно, тој информираше и дека за објектот била поднесена апликација и за награда на „Светскиот фестивал на архитекти 2026“

 

Градежните активности на кулата на Водно се завршени. Претседателот на Комисијата за електронски комуникации во  Агенцијата за електронски комуникации, Орце Симов, сподели на „Фејсбук“ дека останува уште постапката за добивање употребна дозвола, која е во тек. Како што наведе Симов за весникот ВЕЧЕР, се очекува употребната дозвола  да ја добијат овој месец.

Воедно, тој информираше и тоа дека за  објектот била поднесена апликација и за награда на „Светскиот фестивал на архитекти 2026“.  Како што наведе Симов, овој месец се очекува да ја добијат употребната дозвола.

Телекомуникациската кула на Водно, е еден од најголемите инфраструктурни проекти во Скопје во изминатата деценија. Последно таа требаше да биде пуштена во употреба во октомври, минатата година, бидејќи како што објасни, Илија Кепевски, советник за логистика на директорот на Агенцијата за електронски комуникации за весникот ВЕЧЕР, требаше да се завршат уште неколку процедури.

Кулата на Водно почна да се гради во 2013 година и претставува еден од највисоките објекти во државата со 155 метри.

Како што објасни Симов, кулата е инфраструктурен телекомуникациски објект кој што има футуристички изглед и закривена форма.

– Се состои од повеќе компоненти, меѓу кои главно е бетонското јадро или столб, кој се наоѓа во централниот де на објектот и има височина од 115 метри. На него има монтирана челична решетка висока 27 метри на која операторите ќе ги монтираат своите антенски системи и на врвот на таа челична решетка од стана на Македонската радиодифузија ќе биде монтирана антена висока 15 метри – вели Симов.  

Освен тоа, тој додаде дека објектот има четири платформи, секоја со површина од по 200 квадратни метри.

– Четвртата платформа е највисока и ќе биде достапна за туристите и до неа ќе имаат пристап со два лифта. Таа се врти со брзина од 360 степени, односно еден круг ќе прави за еден час – нагласи Симов.

Оваа платформа е предвидена за ротирачки-панорамски ресторан со капацитет за околу 15 маси.

– Во оваа платформа, посетителите, додека пијат кафе, ќе уживаат во прекрасниот панорамски поглед на Скопје – наведе Симов.

Простор за кафетерија е предвиден и во приземјето од кулата.

По ставањето во функција на кулата, се очекува да биде распишан јавен повик за избор на оператор кој ќе стопанисува со ресторанот. Кулата со свои средства ја градеше АЕК.

Граѓаните кои редовно се рекреираат на Водно преку социјалните мрежи тогаш жестоко реагираа на најавите за официјалното профункционирање на кулата чија изградба  чини околу 1,2 милијарди денари (околу 20 милиони евра) и е околу 13 % поскапа од сумата предвидена во основниот проект. Тие се против отворање на пат за сообраќај до врвот на Водно.

Од АЕК тогаш одговорија дека, засега, до кулата ќе се стигнува како и досега, со жичница или пеш.

Дел од јавноста смета дека е потребно внимателно да се размисли за идната намена на кулата, за да не се уништи природниот амбиент на Водно. Оваа кула е изградена на надморска висина од 1.034 метри и во светот ретко се наоѓаат кули на таква надморска висина. (А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ