Скопјани нема да паркираат двојно поевтино

143

Дел од советниците беа скептични во однос на можноста  да се реализира ваквата иницијатива. Според советникот Александар Трајановски, тенденцијата ЈП „Градски паркинг“ да ја завршува годината со добивка не треба да се прекинува, бидејќи ова претпријатие е со најниски цени меѓу приватните и општинските оператори и добивката би можело да ја искористи за зголемување на своите капацитети или возен парк. Гордан Шутаров од СДСМ смета дека е потребно да се направи добра финансиска анализа за да може да се види дали тоа е прифатливо

 

Скопјани нема да можат да паркираат на паркинзите со кои  стопанисуваат со јавното претпријатие „Градски паркинг“ по намалени цени. Градските советници на денешната седница не ја прифатија иницијативата за намалување на цените на услугите на јавните паркиралишта и јавни површини наменети за паркирање на ЈП „Градски паркинг“ за 50 проценти.

Како  што образложи подносителката на иницијативата, советничката Катерина Јовановска од партијата Левица, таа е поднесена на барање на поголем број на граѓани, но и тоа што врз основа на финансиските извештаи што ги доставуваат јавните претпријатија до Советот на Град Скопје, било видливо оти ЈП „Градски паркинг“ секоја година акумулира добивка.

-Ова претпријатие е едно од ретките кое акумулира  добивка во своето работење. Со намалување на цените за паркирање за 50% нема да се доведе во прашање неговото работење, а од друга страна ќе им се овозможи на поголема група на граѓани да ги користат услугите на ЈП „Градски паркинг“ – истакна таа од говорницата.

За разлика од неа, дел од останатите советници беа скептични во однос на можноста  да се реализира ваквата иницијатива.

Според советникот Александар Трајановски тенденцијата ЈП „Градски паркинг“ да ја завршува годината со добивка не треба да се прекинува.

-Не се сложувам со иницијативата за намалување на цените за паркирање на паркиралиштата со кои стопанисува „Градски паркинг“ бидејќи за разлика од другите оператори, приватни и општински, ова претпријатие е со најниски цени и добивката би можело да ја искористи за зголемување на своите капацитети или возен парк, односно со минатогодишната добивка на ова јавно претпријатие од 35 милиони денари или околу 550.000 евра би можеле да се купат две нови  пајак возила. Или, пак, со добивката ова претпријатие би можеле  да изгради катни гаражи во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Не треба да го доведеме во прашање работењето и на ова претпријатие  – го изнесе својот личен став Трајановски. 

За Гордан Шутаров од СДСМ оваа иницијатива е чувствителна  тема и  доаѓа во чувствително време. Тој смета дека е потребно да се направи добра финансиска анализа за да може да се види дали тоа е прифатливо.

-Треба да видиме како во 2022 година беше одлучено во одредени зони на ЈП „Градски паркинг“ да се намалат цените за паркирање, за да можеме да увидиме дали ќе биде возможно оваа иницијатива да се реализира – заклучи Шутаров.

На седницата помина предлог одлуката за измена на средствата во буџетот на Град Скопје за 2025 со кои се предвидува и обезбедување на средства за надоместоци, плати и придонеси на потставките во потпрограмите Совет на општина, Општинска администрација и Противпожарна заштита. Како што образложија службите од Град Скопје, зголемувањето и прераспределбата на овие ставки произлегува од порастот на висината на минималната плата во бруто износ во државата, започнувајќи од март 2025 година, имајќи го во предвид и евентуалното усогласување на порастот на индексот на трошоците за живот, како и потребата од нови вработувања и подобрување на и така намалениот капацитет на човечки ресурси по разни основи во Бригадата за противпожарна заштита.

-Потребата од зголемување на средствата во делот за противпожарна заштита се должи пред се на фактот што од страна на Министерството за одбрана и покрај повеќе пати упатените барања за зголемување на дотацијата, нема промена на износот на истата. Поради ова, дел од средствата за платите на вработените во Противпожарната бригада се реализираат од основниот Буџет на Град Скопје – објаснија  службите во Град Скопје.

Како што беше кажано не се работи за зголемување на платите на градската администрација и на скопските пожарникари, туку само за усогласување во согласност со Законот за минималната плата.

(А. П.)

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ