Главната причина за создавањето на проектот „museum of publik art“ на Изабела Левенска-Миљаниќ, магистер по деловно право, е недостигот на информативни обележја на спомениците во Скопје, кој го забележуваме сите, но некако го занемаруваме и оставаме тоа да го решат институциите. Носечката идеја ѝ била платформата да не биде примарно перципирана како веб-сајт до кој се пристапува преку веб-пребарувач, туку преку скенирање на код поставен близу скулптурите – во моментот кога некој стои пред скулптурата. Како во музеј, само сега музеј на отворено. Со тоа, платформата има цел да биде дигитално информативно обележје на делото – на македонски и на англиски јазик – објаснува Левенска Миљаниќ.
Досега има мапирано околу 25 скулптури во Скопје, а веќе започнала да мапира и скулптури во други градови како Велес, Куманово, Кочани, Штип и Кавадарци. Нагласува дека целта ѝ е до крајот на оваа година да ги мапира скулптурите во уште 10 градови низ државата
Недостигот на информативни обележја на спомениците во Скопје, кој го забележуваме сите, но некако го занемаруваме и оставаме тоа да го решат институциите, како и занемарениот дијалог помеѓу делата и граѓаните – уметноста што постои, но е невидлива затоа што ни недостасуваат информации и контекст за истата, е главната причина за создавањето на проектот „museum of publik art“ на Изабела Левенска-Миљаниќ, магистер по деловно право, со осумгодишно искуство во маркетинг работејќи на кампањи за најпознатите трговски марки во светот. Во моментов таа работи како менаџер за процеси во ИТ-компанија.
Изабела решила тоа да не го остава на надлежните и во рамките на своите можности и способности самата пронашла начин да им овозможи на граѓаните одблизу да се запознаат со спомениците и спомен-обележјата и со нивните приказни што тие имаат да им ги раскажат.
Таа пренесува силна порака, а тоа е дека грижата за местото во кое живееме е грижата за себе, за идентитетот што нѐ прави уникатни.
– Не чекајте некој друг да го започне тој разговор или да ја преземе таа одговорност. Препознајте ја силата што ја имате како поединец – да го забележите она што другите го заобиколуваат, да го создадете сами она што ви недостига и да им дадете глас на тивките приказни што го градат нашиот колективен свет – порачува Изабела.
Таа вели дека токму на овој професионален порив за придонес кон подобрување се надоврзува и личниот, со кој сака да им го подобри секојдневното искуство и на своите сограѓани.
– Мојата фамилија, бабите и дедовците, мајка ми и татко ми се погрижија, додека растев, уметноста секогаш да биде дел од мене како потреба, начин на размислување и гледање на светот. Токму преку неа ги негувам креативноста, емпатијата и чувството за смисла – вели Левенска-Миљаниќ.
Таа не се смета за активист, туку за некој што сака да ја направи уметноста поразбирлива, поблиска и повидлива, особено за оние што мислат дека таа не е „за нив“. Вели дека проектот museumofpublicart.com го создала не како активист, не од позиција на критика, туку како граѓанин кој верува дека грижата за културата е и лична и колективна обврска.
– Не можев да се ослободам од чувството дека тие скулптури зборуваат цели приказни, но никој не ги слуша, најмногу затоа што ако имате контекст за делата ќе сфатите дека секое има причина зошто е направено од тој материјал, зошто е поставено баш на тоа место на кое е и дека иако повеќето се апстрактни – носат јасни пораки. Токму тогаш решив дека сакам и на моите сограѓани да им овозможам информации за делото додека стојат пред истото. Имајќи ги тие информации за делата, се отвораат нови перцепции и можности за одново лично да се поврземе со градот, кој крие толку многу приказни што чекаат да бидат откриени – раскажува Левенска-Миљаниќ.
Од идејата до нејзината реализацијата ѝ биле потребни точно две недели. Носечка идеја ѝ била платформата да не биде примарно перципирана како веб-сајт до кој се пристапува преку веб-пребарувач, туку преку скенирање на QR-кодот поставен близу скулптурите – во моментот кога некој стои пред скулптурата.
–Како во музеј, само сега музеј на отворено. Со тоа, платформата има цел да биде дигитално информативно обележје на делото – на македонски и на англиски јазик – објаснува Левенска-Миљаниќ.
Таа додава дека кога ќе се отвори платформата и ќе се истражува низ неа, ќе може да се најдат фотографии, локации и контекст за омилените скулптури и за нивните автори.
– Тоа не е само информативен сајт за уметност, туку дигитален патоказ кој ги поврзува и слави минатото, уметноста, урбаниот простор, а најмногу уметниците кои со своите дела и визии го разубавија градот – вели Левенска-Миљаниќ.
Досега има мапирано околу 25 скулптури во Скопје, а веќе започнала да мапира и скулптури во други градови како Велес, Куманово, Кочани, Штип и Кавадарци.
Нагласува дека целта и е до крајот на оваа година да ги мапира скулптурите во уште 10 градови низ државата
Инаку, QR-кодовите се отпечатени на материјал отпорен на дожд и сонце, внимателно дизајнирани за да не ја нарушуваат естетиката на делото. Тие се поставени во близина на скулптурите или под нив, со цел, како што наведува таа да бидат мост помеѓу гледачот и приказната зад уметничкото дело .
-До сега не се обратив до институциите – не затоа што не ги почитувам, туку затоа што сакав да тргнам сама и мојата идеја да ја реализирам брзо. Не чекав дозволи – сакав да покажам дека со ентузијазам и грижа може да се започне. Многу ми е важно да посочам дека оваа иницијатива не е насочена кон критикување на институциите. Сакам да покажам дека и без гласни реакции, со истрајност, визија и искрена посветеност, секој од нас може да внесе позитивна промена таму каде што нешто недостасува – нагласува Изабела.
Додава дека нејзиното чувство на одговорност за градот е дел од нејзиното воспитување и визија за тоа што значи да се биде одговорен граѓанин на еден град, но и од лична потреба, како што вели да си направи барем една мала победа, секој ден.
Таа истакна дека она што го прави го работи со поддршка на своето семејство и семејната фондација „д-р Михаил Левенски“.
– Тоа е најличниот дел од целиот процес – бидејќи идејата не расте сама, туку во круг на луѓе кои ги споделуваат истите вредности. Кога нешто се гради на љубов, сеќавања и посветеност, не е само лична иницијатива – станува заедничка мисија – смета таа.
(А. П.)
Нед