сабота, октомври 17, 2026
Дома СВЕТ Скапотијата ги враќа „Жолтите елеци“ на улиците: Се шири протестниот бран низ...

Скапотијата ги враќа „Жолтите елеци“ на улиците: Се шири протестниот бран низ Франција

0
EPA/Firas Abdullah

Демонстранти ширум Франција денеска повикаа на улични протести против зголемените трошоци за живот, придружувајќи им се на средношколците кои изразија незадоволство од условите во образованието, по повеќе од три недели блокади на училиштата.

Активисти на социјалните мрежи повикуваат на оживување на движењето „Жолти елеци“, кое се појави во 2018 година како реакција на социјалната неправда.

Групи ученици, кои протестираат уште од средината на септември, ги повикаа поддржувачите да им се придружат.

CGT, еден од главните француски синдикати, исто така ги поддржува протестите, барајќи „повисоки плати и пензии, пониски цени и заштита на јавните услуги што ги задоволуваат потребите на луѓето“.

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера повика на смиреност и почитување на луѓето и имотот, додека официјални лица предупредија на можно насилство.

„Постои уставно право на протест и на изразување, и јас секогаш сум се грижел ова право целосно да се почитува. Сепак, ова право носи и обврска за почитување – почитување на луѓето, почитување на имотот, а со тоа и обврска да не се предизвикува штета или уништување“, изјави Макрон во Брисел.

Тој го оцени како „неприфатливо“ евентуалното присуство на поединци кои се таму „исклучиво за да нанесат штета и да предизвикаат немири“.

Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека низ земјата се очекуваат стотици протестни акции и повеќе од 80 маршеви, вклучувајќи спонтани собири, улични демонстрации и блокади. Денеска, на барање на полицијата, беа затворени многу станици на метрото, вклучително и оние околу „Шанзелизе“, како и оние во близина на претседателската палата, парламентот и владините институции.

Во Франција, во текот на изминатите неколку недели, беа извршени илјадници апсења, стотици луѓе беа повредени, а неколку училишта беа запалени.

Нуњез ја суспендираше употребата на одреден вид полициски шок-бомби против млади демонстранти, откако едно 15-годишно момче остана без рака.

ИЗДВОЕНИ