Американската Федерална управа за авијација (FAA) најави забрана за неовластена употреба на дронови долж границата меѓу САД и Мексико, во време кога владата ги засилува напорите за справување со проблемот на илегален прекуграничен транспорт на дрога.
Ова привремено ограничување на летовите забранува каква било неовластена активност со дронови на височина до 122 метри над земјата и се однесува на зона што се протега една наутичка милја северно од границата меѓу САД и Мексико, пренесе Ројтерс.
„Со ограничување на активноста на неовластените беспилотни летала, им овозможуваме на воените команданти подобра ситуациона свест, поголем простор за донесување одлуки и повеќе опции за одбрана на татковината“, изјави секретарот за одбрана Пит Хегсет, додавајќи дека војската ќе собори секое беспилотно летало управувано од картели кое го загрозува американскиот суверенитет.
Во април, Федералната управа за авијација (FAA) и Пентагон потпишаа договор со кој на владата ѝ се дозволува користење ласерски систем со голема моќност за спротивставување на беспилотни летала долж границата меѓу САД и Мексико, со цел да се одговори на заканите што ги претставуваат овие беспилотни летала.
Според податоците на Пентагон, секој месец долж границата меѓу САД и Мексико се регистрираат повеќе од 1.000 навлегувања на беспилотни летала.
Во февруари, FAA најави десетдневна суспензија на сите летови на аеродромот во Ел Пасо, Тексас, бидејќи Службата за царина и заштита на границите (CBP) – која е дел од Министерството за внатрешна безбедност – употребила ласерски систем на Пентагон без претходно да спроведе проценка на безбедноста, како што бара FAA.
По интервенцијата на Белата куќа, Федералната управа за авијација ја укина наредбата за суспензија на летовите во областа на Ел Пасо, која беше на сила околу осум часа.
Неколку дена подоцна, американската војска употреби систем заснован на ласер за да собори беспилотно летало што ѝ припаѓало на CBP, што ја натера FAA да ја прошири зоната на забранети летови околу Форт Хенкок, Тексас.
По овој инцидент, Министерството за внатрешна безбедност (DHS) се обврза да воспостави поблиска комуникација со другите агенции.
Марквејн Малин, претставник на Министерството за внатрешна безбедност, денеска изјави дека овие ограничувања ќе помогнат во сузбивањето на заканите од беспилотни летала што ги користат картелите, во заштитата на персоналот и во зајакнувањето на безбедноста во воздушниот простор над границата.












