Скандалот предизвика политички бранови во Грција, предизвикувајќи парламентарни истраги, кои беа неубедливи, како и оставки на министри и повици за предвремени избори од страна на опозициските партии.
Во делови на грчкиот остров Крит, уапсени се 20 лица, членови на криминална организација за измами поврзани со европските земјоделски субвенции, со нанесена штета од над три милиони евра, јави „Ројтерс“.
Од грчката полиција информираа дека од рано утрото во понеделникот во тек е акција за разбивање на конкретната криминална организација чии членови се вмешани во измама на штета на финансиските интереси на Европската Унија, како и во поднесување лажни изјави.
Меѓу уапсените 20 лица во четири различни области на Крит се и двајца сметководители и три одговорни лица во центрите за поднесување пријави.
– Нелегалната финансиска корист надминува 3.000.000 евра – информираа од грчката полиција и посочија дека ќе излезат со детални информации по завршувањето на акцијата.
Весникот „Катимерини“, повикувајќи се на свои извори, пишува дека вкупниот број инволвирани се проценува на околу 90 лица, а криминалната организација, веројатно, била активна од 2019 година.
Дејствувала на начин што одговорните лица од сметководственото биро воспоставиле соработка со центрите за поднесување пријави, кои имале пристап до податоците и ги откривале непријавените земјоделски парцели, потоа ги информирале сметководителите, кои го координирале составувањето фиктивни договори за закуп, а во соработка со приватни производители, поднесувале лажни пријави и добивале средства во форма на субвенции од Организацијата за европски земјоделски субвенции (ОПЕКЕПЕ).
Апсењата во понеделникот се последните во серијата локални случаи поврзани со пошироката истрага од страна на Канцеларијата на европскиот јавен обвинител, независна канцеларија на ЕУ, за наводни кривични дела во Грција, против финансиските интереси на блокот.
Минатата година, европските обвинители обвинија десетици грчки сточари за лажно поседување пасишта за да побараат милиони евра субвенции од ЕУ, со наводна помош на државни службеници и на конзервативни политичари.












