Над 80 илјади работници работат во неформалниот сектор, а најголем број од нив се вработени во земјоделството, градежништвото и во трговијата. Државата годишно губи над 250 милиони евра од сивата економија, пари што наместо во буџетот, одат во џебовите на газдите. Синдикатите, работодавците и експертите се обединет во ставот дека треба поголема контрола од страна на инспекциските органи, затоа што тоа директно би значело повеќе пари за повисоки плати, пензии, како и за низа инвестиции за развој на државата. Во спротивно, со зголемување на сивата економија, губат сите, а најмногу работниците што не се пријавени, не им тече стаж и не можат да земат кредит.
– Над 250 милиони евра годишно губи државата од непријавени работници. Не може точно да се измери колкава е сивата економија во делот на вработеноста, но има многу показатели што говорат дека се зголемува бројот на вработени што работат на црно. Има многу градежни работници или градежни занаетчии, водоводџии, електричари… што работат во сивата економија, односно земаат само дневница или се платени на час и не се пријавени. Слична е ситуацијата и во малите фирми во внатрешноста, каде што нема чести контроли од инспекциските служби и половина од вработените ги држат непријавени – изјави за весникот ВЕЧЕР Љупчо Радовски од Сојузот на синдикати на Македонија.
Тој додава дека често газдите ги пријавуваат работниците на скратено работно време, односно на 4 часа, а работат 8 часа. Исто така, често се користи формулацијата „договор на дело“, при што работниците не се пријавени, не им тече стаж и не можат да земат кредит.
– Голем дел од работниците што работат на црно не сакаат да бидат пријавени за да можат да земаат социјална помош. Но, исто така, има многу млади што не сакаат да бидат пријавени и бараат од газдите наместо да им плаќаат придонеси, да им ги даваат тие пари на рака. Така ги жртвуваат стажот и другите бенефиции за сметка на повисоките плати – појаснува Радевски.
Универзитетскиот професор Јован Пејковски вели за весникот ВЕЧЕР дека државата треба да направи систем во кој работењето во сивата економија ќе биде неисплатливо. За да се намали сивата економија, потребно е поголема контрола од инспекциските органи, односно поголема даночна, финансиска, фискална контрола и повисоки казни.
– Нема точен податок, туку само индиректни показатели за тоа колку изнесува сивата економија. Според процените, таа е некаде од 30 до 33 отсто од БДП. Така, нема точни показатели и за бројот на работници што работат на црно, туку нивниот број се утврдува врз база на некои процени. Државата треба да направи систем во кој работењето во сивата економија ќе биде неисплатливо и прескапо поради санкциите што следуваат. Така што оние компании што ќе работат во сивата економија ќе треба да платат казни или ќе бидат затворени – објаснува Пејковски.
Според него, во борбата против сивата економија е особено важна едукацијата, така што секој поединец треба да сфати дека треба да работи легално. Истото се однесува и на компаниите, кои треба да ги пријават сите вработени.
– Во многу фирми има непријавени работници за кои газдите велат дека се од фамилијата и дека учат занает, дека се на обука, на пробна работа…. Под овие изговори, тие ги држат работниците непријавени. Има и случаи каде што работниците се пријавуваат во Агенцијата за вработување само да не ги загубат социјалните бенефити, а работат за дневница. Најчесто тоа се случува во градежништвото или кај некои градежни занаетчии – појаснува Пејковски.
Според податоците на Сојузот на синдикатите на Македонија, сивата економија е најзастапена во секторите градежништво, угостителство и туризам, особено во летниот период. Таму процентот на вработени што работат на црно е огромен. Во градежништвото, некаде околу 50 проценти од вкупниот број вработени во секторот работат на црно и тоа навистина е проблем не само од аспект на плаќање на придонесите од задолжителното социјално осигурување туку овие работници немаат апсолутно никаква заштита во поглед на безбедноста и здравјето при работа. Додека, пак, во угостителството и во туризмот, во екот на туристичката сезона, најмногу се злоупотребуваат работниците што работат за некаква дневница, без да им бидат платени придонесите и без да им биде регулиран работниот однос.
(А. С.)