Синиот воз повторно e на шините на ексјугословенските простори. Не е оној на претседателот Јосип Броз Тито, но може да му парира со луксузот. А од цената на билетите се добива вртоглавица. Таа се искачува до 37.795 евра.
Покрај домашните возови што редовно доцнат, на пругите на поранешните југословенски држави повремено може да се видат и сини возови, кои кај постарите граѓани го будат сеќавањето на Титовиот воз, со кој патуваше тој по светот, а отпатува и до своето вечно почивалиште, во Куќата на цвеќето во Белград. Но, тоа е само поради бојата. Овие сини возови се наменети за патници, и тоа за такви што имаат длабок џеб, што секогаш и секаде бараат луксуз, а сметаат дека патувањето со воз е идилично доживување.
Три такви воза поседува британската компанија „Голден игл лакшри треинс“, која нуди луксузни патувања со нив по Европа и Азија, нешто како крстарење по шини. Еден од тие возови се движи по пругите на ексјугословенските држави, а уште еден ќе тргне од август годинава.
– Нашата филозофија е да понудиме сосема организирани приватни железнички тури за авантуристички настроените патници, кои ги привлекува возбудата од откривање фантастични и често далечни дестинации, но и уживање во стил, удобност и сигурност – стои на официјалната страница на компанијата „Голден игл лакшри треинс“.
Синиот воз „Голден игл Денјуб експрес“ ја следи маршрутата на прочуениот „Ориент експрес“ од Париз до Истанбул. Од земјите на поранешна Југославија, патниците може да влезат во него во Постојна, Словенија, или во Белград, Србија. Патувањето по таа маршрута трае осум дена, а цената е вистинска „дреболија“ – само 16.195 евра за две лица и 22.195 евра за еден човек, со капар од 1.750 евра. Има и поскапи билети. За супериор делукс класата, чинат 20.295 евра за пар, односно 27.095 евра за еден човек, со капар од 2.000 евра. За тие пари се добива услуга на ниво на хотел со пет ѕвездички. Купеата се опремени како хотелски соби, со сопствена бања, тоалет, кревети, плакари, безжичен интернет, УСБ-приклучоци… како и панорамски прозорци за фотографирање на природните убавини. Возот има и вагон-ресторан во кој се служат појадок, ручек и вечера.
Вториот воз што ќе се движи низ регионов од август е „Балкан експлорер“, кој ќе сообраќа на 12-дневна маршрута од Венеција до Истанбул. Патиците од државите од поранешна Југославија ќе може да влезат во него во Љубљана, Сараево, Мостар и во Белград. Делукс класата за двајца на оваа маршрута чини 17.595 евра, а оние што патуваат сами плаќаат 26.195 евра, со депозит од 1.750 евра. Билетот за супериор делукс класата чини 22.595 евра за пар и дури 37.795 евра за едно лице, со депозит од 2.000 евра.
Билетите за двата воза за 2026 година може да се резервираат уште сега, но по значително повисоки цени.