Како што се приближува Ролан Гарос, тенискиот свет сè поинтензивно дебатира кој ќе биде главниот фаворит за освојување на престижниот Гренд слем турнир во Париз.
Свое мислење даде и поранешната тенисерка Рене Стабс, која смета дека Јаник Синер, во моментов, има најголеми шанси да триумфира на земјената подлога.
- Дали е тој фаворит за освојување на Ролан Гарос? Апсолутно. Видов нешто во неговата игра, особено во Мајами, дека дополнително го обликувал својот форхенд. Длабочината на неговиот замав – не многу луѓе зборуваат за тоа, изјави Стабс.
Италијанецот влегува во сезоната на земјена подлога во одлична форма, со освоени титули на турнирите во Индијан Велс и Мајами Опен. Неговата форма дополнително ќе биде ставена на тест на претстојните мастерси во Монте Карло, Мадрид и Рим, кои се генерална проба пред Париз.
Стабс посебно ја нагласи важноста на длабочината на ударите, аспект што, според неа, често се занемарува во анализите.
- Ако ја погодите топката подлабоко во теренот, имате многу поголема шанса да добиете кратка топка. Во последните неколку недели, Синер го прави тоа навистина добро. Неговото движење и сервис се неверојатни, додаде таа.
Сепак, не треба да се заборави дека титулата во Париз ја брани Карлос Алкарас, кој минатата година славеше токму против Синер во финалето по пет сета, што најавува уште една можна тениска класика.











