Генералниот секретар на Советот за соработка во Персискиот Залив, Јасем Ал-Будаиви, денес го повика Советот за безбедност на ОН да одобри употреба на сила за отворање на Хормускиот Проток за пловидба, објави парискиот весник „Ле Монд“ на својата веб-страница.
„Го повикуваме Советот за безбедност на ОН да преземе целосна одговорност и да преземе сите потребни мерки за заштита на морските коридори и обезбедување безбедно продолжување на меѓународната пловидба“, рече Ал-Будаиви на состанокот на Советот за соработка во Персискиот Залив, чии членови се Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Катар, Кувајт и Оман.
Советот за безбедност на ОН, кој брои 15 члена, веќе десет дена дебатира за нацрт-резолуцијата предложена од Бахреин.
Нацрт-резолуцијата има за цел да овласти држава или коалиција од држави да „ги користат сите потребни средства“ за да обезбедат слобода на пловидба низ Ормускиот Теснец, кој е парализиран од 28 февруари поради војната меѓу САД и Израел против Иран и неговиот воен одговор.
Иран ефикасно го затвори Протокот, низ кој минува една петтина од светската нафта. Повторното отворање на водниот пат стана приоритет за владите ширум светот, бидејќи цените на нафтата растат, пренесе „Бета“.












