четврток, јули 16, 2026
Дома БАЛКАН Симболот на поранешна Југославија оди на барабан: Хрватска ја продава спомен-куќата на...

Симболот на поранешна Југославија оди на барабан: Хрватска ја продава спомен-куќата на Тито во Кумровец

328
EPA/ANTONIO BAT

Хрватската влада одлучи да го продаде комплексот на Научно-студискиот центар Кумровец и околното земјиште, дел од поранешната Спомен-куќа во Кумровец изградена во 1974 година, која се користела и како сместувачки и конгресен центар.

Спомен-куќата, заедно со поранешното Политичко училиште, кое исто така беше продавано неколкупати, е прогласена за проект од стратешко значење за Хрватска, а од 2023 година со нив управува Министерството за просторно планирање, градежништво и државен имот.

Со одлука на Владата на Хрватска, продажбата на комплексот на Научно-студискиот центар ќе се изврши преку јавен тендер со собирање понуди, со почетна цена од 2,7 милиони евра, што е вкупната пазарна вредност на недвижниот имот. Целта е да се ревитализира комплексот, да се зајакне туристичката понуда на подрачјето, да се спречи пропаѓањето на зградите и да се избегнат трошоците за одржување.

Според просторниот план, подрачјето е наменето за комерцијални и угостителско-туристички цели, односно хотел. Покрај цената што ќе ја плати, купувачот ќе биде должен да ги надомести и трошоците за изработка на извештај за евалуација од 2.833 евра, како и трошоците за изработка на енергетски сертификат од 10.350 евра.

– Од 1991 до 2003 година, спомен-домот се користел за сместување на протерани од подрачјата погодени од војната, а денес се потребни големи инвестиции за да се стави во функција повторно, рече вицепремиерот и ресорен министер Бранко Бачиќ.

Комплексот се состои од три поврзани градежни единици со вкупна површина од 8.386 квадратни метри, кои вклучуваат голема и мала сала, читална со библиотека, деловни канцеларии, рецепција, кујна, ресторан, базен и други помошни простории, како и простор за сместување со 62 соби и придружни објекти.

На 29 април 2024 година, одделот за конзервација во Крапина донесе одлука со која зградата и голем дел од земјиштето се ставаат под превентивна заштита за период од четири години. Во согласност со Законот за заштита и зачувување на културните добра, пред склучувањето на договорот за продажба, ќе биде побарана изјава од Општина Кумровец и од Крапинско-Загорската жупанија за користење на правото на првенствено купување.

Кумровец, како родно место на претседателот на СФРЈ, Јосип Броз Тито, со децении се смета за симбол на поранешна Југославија. По смртта на Тито, секоја година на 25 мај, денот што се славеше како негов роденден и како Ден на младоста, Кумровец се полни со негови почитувачи, кои доаѓаат да му изразат почит. Последниот таков собир во комплексот во Кумровец беше минатата недела, 46 години по смртта на Тито. Тогаш илјадници посетители, не само од балканските туку и од други земји во светот, испратија пораки за важноста на зачувување на вредностите на антифашизмот, за историската улога на Тито и за значењето на поранешна Југославија.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ