Научници во Швајцарија замрзнуваат човечки измет во „трезор за судниот ден“ во случај на идните генерации да им бидат потребни фекални микроби за решавање на медицински кризи.
Трезорот веќе содржи повеќе од 1.000 примероци од фекалии, а научниците сакаат да соберат 10.000 примероци до 2029 година. Тие го прават ова затоа што изметот содржи милијарди микроби кои би можеле да се користат за решавање на некои здравствени проблеми.
Швајцарскиот складишен објект, исто така, складира речиси 200 видови ферментирана храна, која содржи многу „пријателски“ микроби корисни за здравјето на цревата, а тимот планира да додаде микроби од околината во колекцијата.
Долгорочната цел е да се обезбедат резервни копии од микробите што живеат кај луѓето, животните, растенијата и животната средина, за да можат идните генерации да спроведуваат истражувања, да ги обновуваат екосистемите и да развиваат медицински третмани кога е потребно.
„Губењето на микробите е поврзано со алармантно зголемување на хроничните болести, како што се алергиите, автоимуните и метаболните заболувања. Губењето на микробната разновидност, исто така, влијае на еколошките екосистеми, загрозувајќи ги земјоделските системи и отпорноста на природата“, напишаа истражувачите во коментар објавен во списанието Nature Communications.
Авторите тврдат дека постои потреба да се зачуваат сите видови микроби, бидејќи човечките активности се одговорни за нарушување на микробиомот – микробните заедници – кај луѓето, животните и природата. На пример, конвенционалното земјоделство, одмрзнувањето на пермафростот поради климатските промени предизвикани од човекот и прекумерната употреба на антибиотици ги оштетуваат микробиомите до тој степен што можеби ќе треба да бидат „спасени“ во иднина.
„Човековите активности го осиромашуваат нашиот микробиом и има многу докази што го поддржуваат ова“, рече д-р Мартин Блејзер, директор на Центарот за напредна биотехнологија и медицина на Универзитетот Рутгерс во Њу Џерси.