Во мобилната монтажна галерија, во Паркот на франкофонијата во Скопје, утре (3 декември) од 18:00 часот, авторот Сашо Алушевски ќе ја постави изложбата од циклусот „На мајката земја“ – „Шума“.
Поставката „На мајката земја“ го истражува односот меѓу фотографијата и материјалната природа/реалност/нашите доживувања, третирајќи ја фотографската слика како симулакрум – визуелен знак што не ја претставува природата директно, туку нејзините кодови и траги. Потпирајќи се врз Платоновата разлика меѓу идејата, имитацијата и сенката, изложбата укажува дека уметничката практика не може да го реплицира светот, туку само сопствените граници и јазик.
Преку суптилна деконструкција на лисја, земја, камен и вода, сликите ја расплетуваат врската меѓу визуелното и физичкото. Материјата се претвора во знак, а фотографијата, иако фиксирана, упорно одбива да биде статична. Таа сведочи за својата ограниченост, нудејќи простор каде што претставата и реалноста се разидуваат.
Овој јаз меѓу сликата и природата ја носи и главната порака: ниту една визуелна репрезентација не може да го замени директното органско доживување на природата. Мирисот на мовта, текстурата на кората, здивот на шумата, без соработка со „идеалниот гледач“, остануваат искуства што фотографијата само ги навестува, но не ги поседува.
Поставката ја преиспитува нашата перцепција: дали се сликите надвор од нас или во нас, каде завршува сопствената проекција, а каде почнува „реалното“?
Во реализацијата се користени природни материјали и повеќе аналогни фотографски техники: цијанотипија, Ван Дајк, гумотипија и гумомаслена техника, колодиум, мордансаж и лумен процеси.
Изложбата е реализирана со поддршка од Министерството за култура и туризам.












