Првиот човек на Хапоел од Тел Авив, Офер Јанај, зборуваше за тоа како течеле преговорите со Василије Мициќ, еден од најдобрите европски кошаркари.
Српскиот репрезентативец официјално стана член на тимот предводен од Димитрис Итудис, бидејќи по напуштањето на НБА, замина во Израел каде што ќе инкасира 14 милиони евра за три години и со тоа ќе стане најплатениот играч во Евролигата.
- Сè започна пред два месеца, имавме многу разговори. Во исто време, се зближив со него, тој е посебна личност. Во еден момент им реков на неговите луѓе: „Не сте реалистични во врска со склучувањето договор, бројките немаат смисла и не можеме да продолжиме“. Тука преговорите престанаа. Потоа отидов во Абу Даби, таму се сретнав со него и неговиот татко. Штом иранските ракети паднаа тука, тој ми испрати порака: „Ние, како Срби, знаеме што е војна. Се надевам дека вашите најблиски се добро и дека ќе го надминете ова“. Бев многу трогнат од тоа. Ова не беше поради парите – дел од платата ќе се добива и преку акции. Тој е добар бизнисмен и го гледа потенцијалот тука, рече Јанај, како што објави „Спорт5“.
Тој зборуваше и за тоа како ќе функционира тимот, со оглед на моменталната ситуација во Израел.
- Ќе имаме два центри – во Тел Авив и во Софија. Работиме на моделот, но деталите сè уште не се финализирани. Нашата цел е да составиме еден голем тим, каде што сите играчи ќе ротираат, за да не мора секој да патува секој пат. Најважната цел е плејофот во Евролигата. Втората е шампионската титула во Израел. Размислувавме како да одржиме рамнотежа помеѓу овие две цели. Ако требаше да летаме од Софија по неколку часа за секој натпревар, играчите би поминувале повеќе време во авион отколку на терен. Ова го зголемува ризикот од повреди, заклучи Јанај.