Последното училишно ѕвонче за досегашната учебна година се слушаше до денеска во основните и средните училишта низ земјава. Се одржуваа последни часови, се заклучуваа последни оценки, се слушаа обраќања на наставниците кон учениците… Веднаш потоа, учениците излегуваа од училниците, се собираа во училишните дворови, имаше радување, пеење, играње, виорење на знамињата… како кај деветтоодделенците, кои се збогуваа со училиштата, така и кај оние што ги завршија пониските класови. Уште претпладне им стигна и честитката од министерката за образование, Весна Јаневска, која им порача за време на претстојниот распуст, сепак, да не заборават на училиштето.
– Добро одморете се, но не заборавајте дека има време и за игра и за читање книга, и за забава и за совладување нови вештини, за дружење и за користење на компјутерот за истражување – потенцира Јаневска.
За жал, ваквата порака ја слушнаа помал број ученици отколку во изминативе години. И во изминатава учебна година продолжи трендот на намалување на бројот, како на основци, така и на средношколци. Падот на наталитетот и иселувањето од земјава на цели семејства се двете главни причини за тоа. Така, во основното образование имаше 180.627 ученици, што беше за 0,8 проценти повеќе отколку во претходната година кога имало 182.124 основци и уште помалку од лани, кога во основните училишта се преброени 185.099 ученици. Средните училишта во земјава, пак, годинава имаа 67.143 ученици, но пред две години броеја 69.227 средношколци. Уште полошо е кога се знае податокот дека само за последните седум години бројката на основци и средношколци во земјава се намалила за околу 17.000 ученици. Трендот е, очигледно, загрижувачки и повикува на преземање низа мерки за порастот на наталитетот и за запирањето на иселувањето. Но, овој тренд доведе и до несекојдневна состојба во која во македонските училишта годинава се појави вишок од околу 5.000 наставници кои почнаа да стравуваат дека ќе добијат откази. Минатата учебна година имало 18.831 наставници, додека оваа година бројката се искачила на 19.447. Но, министерката Јаневска ги смируваше во текот на учебната година.
– Овие наставници кои веќе немаат полн фонд на часови ќе мора да ги направиме пофункционални. Тоа значи поголем нивни ангажман, подолг престој на училиште, а за тоа ќе добиваат повисоки плати. Ќе добијат многу неопходни обуки, целодневна настава, едносменска настава, зајакнување на Бирото за образование… за да си најдат место – изјави таа пред неколку месеци.
Но, не се само тие проблеми. И учениците и родителите имаат забелешки за квалитетот на наставата, за содржината на учебниците во кои често има скандалозни грешки, за начинот на кој се пренесуваат знаењата во школите и слично. Во ланскиот Извештај на Европската комисија за Македонија беше предупредено дека во 2024 година се намалени средствата за образование и дека од прекланските 3,58 отсто паднале на 3,17 отсто од државниот буџет. Се забележаа и слабите пласмани на македонските 15-годишни ученици на ПИСА-тестирањето и висок процент на учениците кои не успеваат да покажат основно владеење во читање (73,6 отсто), математика (66,2 проценти) и природни науки (65,3 отсто)…
Васко Гичевски, просветен работник од битолската општина Новаци, за весникот ВЕЧЕР вели дека во образованието секогаш може и мора да биде подобро.
– Лично сметам дека оваа година имаше извесни промени, од кои би истакнал дека за првпат бевме консултирани како наставници за сè што беше донесувано како одлука и дека таа комуникација помеѓу МОН и наставниците не била никогаш подобра. Како гориво прашање на кое допрва треба да се работи остануваат наставните планови и програми, учебниците, за кои секогаш сум инсистирал и ќе инсистирам да бидат со врвен квалитет – вели тој.
За годинава, пак, министерката се пофали со зголемениот буџет за образование од 38 милијарди денари, односно, 612 милиони евра, со намера да се прави нова стратегија за образование, на создавање услови за обезбедување едносменско работење и продолжен престој за учениците во што поголем број училишта. Таа најави дека се работи и на подобрување на инфраструктурни услови, на надградување на наставни програми и учебниците и се забрзува процесот на дигитализација. Но, дали и кога сите овие мерки ќе донесат подобар квалитет во македонското образование, останува да се види. УНИЦЕФ минатата година предупреди и на тоа дека македонските ученици, во просек, имаат околу 900 часови поминати во учење помалку од просекот на учениците во светот. Односно, дека образованиот систем го нема целосно приспособено начинот на кој ги организира ресурсите какви што се училишната структура, наставниот кадар и финансирање на училиштата…
Наставникот Гичевски смета дека за подобро образование треба да се заложат сите во општеството.
– Начелата љубов кон знаењето и основното воспитание доаѓаат од домот, во училиштето само се развиваат, а тој воспитан и образован ученик општеството треба соодветно да го оцени и да го стави во функција на унапредување. Без оваа колективна акција нема да може да имаме напредок. Сè зависи од сите нас заедно, наше е да градиме нов свет и да одлучиме каков свет сакаме да создадеме – потенцира овој просветен работник. (Б.Ѓ.)
Стартуваат уписи
Пред учениците во овој период се нови предизвици. Матурантите кои наставата ја завршија на 16 мај, денеска ги очекува полагањето на вториот екстерен испит. За полуматурантите, пак, овој месец започнува важна фаза – запишување во прва година средно образование. Пријавувањето ќе се врши електронски преку платформата euslugi.mon.gov.mk, со најавување преку сопствените кориснички сметки на schools.mk. Предвидени се два уписни рока во јуни: Прв уписен рок: од 14 јуни (00:00 часот) до 17 јуни (23:59 часот). Документите ќе се доставуваат директно во училиштата на 18 и 19 јуни. Втор уписен рок: на 30 јуни, со поднесување на документи на 1 јули.