Силното невреме проследено со дожд, силен ветер и локални поројни врнежи предизвика штети во повеќе региони низ Македонија, а надлежните служби и натаму работат на расчистување на последиците и нормализирање на состојбата.
Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), само во Скопје, по 17 часот, преку Единствениот број за итни повици 112 биле примени повеќе од 9.000 повици од граѓани. Најголемиот дел од пријавите се однесуваат на паднати дрвја, оштетени возила и кровни конструкции, скинати електрични кабли, паднати бандери и други оштетувања на целата територија на градот.
Во Полошкиот Регион, во Тетово се евидентирани помали материјални штети, без потешки случаи што барале итни интервенции, а состојбата е оценета како стабилна.
Во Вардарскиот Регион, во Велес, Свети Николе, Лозово, Кавадарци и Неготино се регистрирани паднати дрвја и гранки, оштетени кровови и настрешници, како и прекинати електрични кабли. Во делови од Свети Николе, Лозово, Чашка и околните населени места има прекини во снабдувањето со електрична енергија, а во индустриската зона во Кавадарци, поради паднати електрични жици, избувнал пожар кој брзо бил локализиран.
Во Куманово се пријавени паднати дрвја, оштетени фасади и кровови, паднати бандери и кабли, како и материјална штета на возила врз кои паднале дрвја. Сите пријави се проследени до надлежните служби.
Последици се регистрирани и во Пелагонискиот Регион, каде што во прилепскиот регион е откорнат лимен покрив од управната зграда на ЈП „Национални шуми – Црн Бор“, а вработените работат на расчистување на штетите.
Во Источниот Регион најголеми последици има во Штип, Кочани и Пробиштип. Во Пробиштип се регистрирани паднати дрвја, оштетени кровови, паднати оџаци, оштетени возила, блокиран патниот правец од селото Ратавица кон Злетово и прекини во електроснабдувањето.
Во Кочани се евидентирани оштетени кровови, паднати дрвја и бандери, како и поплавени подрумски простории. Околу 80 проценти од градот останал без електрична енергија, а поради прекин на работата на пумпите било прекинато и водоснабдувањето. Поради состојбата бил свикан Општинскиот кризен штаб.
Во Штип, покрај повеќе паднати дрвја што го попречувале сообраќајот, е оштетен покрив на објект на улицата „Вита Поп Јорданова“, а силниот ветер подигнал околу половина од кровната конструкција на Клиничката болница, при што биле поплавени дел од болничките простории. На терен интервенираат противпожарните единици и јавните претпријатија.
Во Виница се регистрирани само паднати гранки, без посериозни последици.
Во Струмица има прекини во нисконапонската електрична мрежа, скинати жици и паднати столбови, оштетени кровни конструкции, паднат билборд и откорнати дрвја. Пријавени се и штети во земјоделството, каде што се оштетени оранжерии, однесени пластични фолии и настрадале земјоделски култури.
Од ЦУК информираат дека сите надлежни институции остануваат на терен и продолжуваат со активности за отстранување на последиците од невремето и враќање на нормалното функционирање во погодените подрачја.












