Светското првенство во 2030 година би можело да ја донесе најголемата промена во историјата на фудбалот. ФИФА чека потврда за проширување на турнирот од 48 на 64 репрезентации и веќе се појавуваат разни предлози во јавноста за тоа како би можеле да изгледаат квалификацискиот систем и распределбата на местата низ континенталните конфедерации.
Веќе е познато дека домаќини на Светското првенство ќе бидат Шпанија, Португалија и Мароко, додека Аргентина, Уругвај и Парагвај ќе бидат домаќини на по еден натпревар по повод 100-годишнината од првото Светско првенство, одржано во Уругвај, во 1930 година.
Ова значи дека на шест екипи би им било гарантирано директно квалификување за завршниот турнир, додека преостанатите 58 места би биле пополнети преку квалификации и плејоф-натпревари.
Според еден модел што се споменуваше во последниве денови, распределбата на местата би изгледала вака:
УЕФА (Европа): 20 места преку квалификации, со Шпанија и Португалија како домаќини (вкупно 22 екипи).
КАФ (Африка): 10 места преку квалификации, со Мароко како домаќин (вкупно 11).
AFC (Азија): 10 места.
КОНМЕБОЛ (Јужна Америка): 5 места преку квалификации, со Аргентина, Уругвај и Парагвај како домаќини (вкупно 8).
КОНКАКАФ (Северна и Централна Америка): 8 места.
OFC (Океанија): 1 место.
Едно дополнително место би било резервирано за европскиот плејоф. Во него би учествувале четири екипи што не се пласирале преку квалификациските групи, но би се квалификувале како четири најдобри екипи од Лигата на нациите на УЕФА. Плејофот би се играл според нокаут- системот: полуфинале и финале, а победникот би се квалификувал за СП 2030.
Другите три места би биле пополнети преку интерконтинентален плејоф во кој ќе учествуваат шест репрезентации.
Во него би учествувале поразените од финалето на европскиот плејоф, како и по еден тим од Азија, Африка, Северна и Централна Америка, Јужна Америка и Океанија.
По ждрепката, би биле одредени три натпревари, а победниците од овие натпревари би ги освоиле последните три места на Светското првенство.
Кога станува збор за европските квалификации, кои се од особен интерес за навивачите во Македонија, овој модел предвидува десет квалификациски групи.
Три групи би имале по шест екипи, додека преостанатите седум би имале по пет екипи. Првопласираните и второпласираните екипи од секоја група би обезбедиле директен пласман на Светското првенство, со што Европа ќе има 20 гарантирани учесници.
Четири екипи би се натпреварувале за последното европско место преку финален плејоф, а учесниците би биле одредени врз основа на нивниот пласман во Лигата на нациите на УЕФА.
Секако, треба да се нагласи дека ова е само еден од можните модели за кои моментално се дискутира во фудбалските кругови.
ФИФА сè уште не донела конечна одлука за проширување на Светското првенство на 64 екипи, ниту за начинот на распределба на местата и форматот на квалификациите за Светското првенство во 2030 година.












