Шпанската тенисерка Марина Басолс Рибера се соочи со сериозни закани со смрт по поразот во квалификациското коло на ВТА-турнирот во Богота. Таа откри на социјалните мрежи дека добила низа вознемирувачки пораки по елиминацијата, а случајот дополнително ја разбранува тениската заедница бидејќи повторно постои сомнеж дека зад сето тоа стојат лица поврзани со обложувалници.
Шпанската тенисерка беше поразена во второто коло од квалификациите, од Русинката Анастасија Тихонова, која моментално е рангирана околу 251. место во светот. Мечот траеше два часа и дваесет минути и заврши со резултат 6:1, 4:6, 6:3 во корист на руската тенисерка, на земјена подлога во Колумбија.
По натпреварот, 26-годишната Марина стана цел на брутални пораки што ѝ беа испратени на социјалните мрежи. Таа одлучи да објави дел од заканите на социјалната мрежа „Инстаграм“, со коментар дека „работите продолжуваат… и се влошуваат“.
Содржината на пораките беше исклучително вознемирувачка и вклучуваше отворени закани со смрт. Меѓу нив имаше реченици како: „Мртва си, девојко, внимавај каде одиш!“, „Му платив на картелот да те убијат“ и „Ќе те убијам, знам каде живееш, кучко, ќе ти го уништам животот“. Други пораки вклучуваа: „Како сакаш да умреш?“ и „Знаеш, мртва си“.
Инцидентот уште еднаш го привлече вниманието кон проблемот со кој сè повеќе се соочуваат професионалните тенисери. Имено, агресијата и заканите што доаѓаат се, најверојатно, од луѓе што губат пари во обложувалниците. Ваквите случаи, покрај тоа што претставуваат сериозен безбедносен ризик, имаат и големи последици за менталното здравје на спортистите.











