Бранителот на тронот, тимот на ПСЖ, ја има таа „среќа“ повторно да го има за ривал англискиот премиерлигаш Ливерпул, но за разлика од изминатата сезона, кога го елиминираше во осминафиналето, сега ќе се обиде да го повтори тоа во четвртфиналната рунда од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампионите.
Шампионот на Франција го има тој луксуз да игра топло-ладно во Лига 1 и повторно да важи за апсолутен фаворит кога е трофејот во прашање, додека „црвените“ немаат некоја совршена сезона и моментално се борат за место што води директно во лигашкиот дел од ЛШ.
Двајцата тренери немаат некој посериозен проблем кога е здравствениот билтен во прашање и за очекување е со најсилните состави да ја стартуваат пресметката на „Паркот на принцовите“.
Далеку понапната атмосфера се очекува на „Ноу Камп“, каде што каталонскиот гигант Барселона ќе го нагости тимот на Атлетико Мадрид. Двата тима се сретнаа во полуфиналната рунда од Купот на Шпанија, а откако „јорганџиите“ со 4:0 ја добија првата пресметка, реваншот заврши со триумф на Барса од 3:0, но тоа не беше доволно за пласман во финалниот дуел.
Исто така, доста интересно беше и на последниот меч одигран викендов, во Мадрид, на кој Барселона славеше со 1:2. Кога свирна судијата крај, Диего Симеоне замина кон клупата на Барселона, па шпанските медиуми веднаш ги „дешифрираа“ зборовите на Аргентинецот.
- Мора повторно да се вратите тука – му порачал Симеоне на Ханси Флик, алудирајќи на мечевите од ЛШ.
За разлика од гостинот, домаќинот има сериозен проблем кога е здравствениот билтен во прашање, затоа што шефот на стручниот штаб, Ханси Флик, во следните четири недели нема да може да смета на бразилскиот интернационалец Рафиња.











