Четири аеродроми во Италија се предупредени за можен недостиг на гориво за авиони, што се смета за прв конкретен знак за потенцијална енергетска криза во Европа предизвикана од војната во Иран и блокадата на Ормутскиот теснец, објавува порталот „TypWorld“.
Во известувањето до пилотите, објавено во саботата, се вели дека снабдувањето со гориво за компаниите што соработуваат со „Air BP Italia“ може да биде ограничено поради намалена достапност.
Мерката се однесува на аеродромите во Болоња, Милано (Линате), Тревизо и Венеција. Претставник на синдикатот на пилоти нагласи дека моменталната ситуација сè уште не влијаела на летовите во блиска иднина, но предупреди на можно влошување.
– Проблемот ќе стане реалност ако не се најде решение за блокадата на Ормутскиот теснец – изјави Данило Рецине, потпретседател на италијанскиот синдикат на пилоти.
Предупредувањата беа издадени во време кога конфликтите сериозно ги нарушуваат глобалните текови на нафта и дополнително ги оптоваруваат синџирите на снабдување, поттикнувајќи стравувања од поширок недостиг низ цела Европа.
Кон крајот на март, цената на млазното гориво достигна околу 195 долари за барел, речиси двојно повеќе од крајот на февруари, пред да избувне конфликтот. Авиокомпаниите и експертите за енергија предупредуваат дека ситуацијата може да стане уште покомплицирана во наредните недели.












