Шмигал најави потпишување на договорот за минерали: Сѐ ќе се заврши во следните 24 часа

650

Договорот за минерали меѓу Украина и САД ќе биде потпишан во следните 24 часа, изјави премиерот на Украина, Денис Шмигал.

– Штом се финализираат сите последни технички детали, што е можно поскоро, се надевам дека во следните 24 часа ќе биде потпишан договорот – посочи Шмигал.

Според него, Киев е веќе подготвен за потписот, а двете страни ги финализираат последните технички детали. Шмигал изјави дека договорот е „целосно партнерство“.

Клучни точки од договорот, според премиерот:

формирање на инвестициски фонд во Украина: одборот на директори ќе се состои од шест лица – по три од секоја страна;

  • финансиските придонеси на двете страни ќе бидат еднакви;
  • Киев ќе добие и „воена помош“;
  • можноста за воени испораки да се сметаат како финансиски удел во фондот
  • Украина ја задржува контролата врз сите природни ресурси

Сепак, има спорови околу конечните услови

Според британскиот Financial Times, повикувајќи се на информирани извори, преговорите за договорот сѐ уште не се целосно завршени, бидејќи Киев се обидел да ревидира некои од условите.

Во извештајот се наведува дека потпишувањето на договорот дошло во прашање во последен момент, а тимот на американскиот секретар за финансии, Скот Бесант, побарал од украинската делегација, предводена од вицепремиерката Јулија Свириденко, или да го потпише веќе договореното — или „да си оди дома“.

Претходниот обид за потпишување на договорот пропадна кон крајот на февруари, кога украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Вашингтон и влезе во вербална расправија во Овалната соба на Белата куќа.

Американскиот претседател Доналд Трамп остро го критикуваше Зеленски за неговото непочитување, а потпретседателот Џ.Д. Венс го нарече „неблагодарен агитатор за демократите“. После тоа, Зеленски практично беше исфрлен од Белата куќа.

ИЗДВОЕНИ