Претседателите на Кина, Иран и на Русија, Шји Џинпинг, Масуд Пезешкијан и Владимир Путин, се сретнаа во Киргистан, на самит на регионален блок што има цел да го балансира влијанието на Западот, при што неколку земји членки на организацијата минуваат низ големи кризи.
Десетици лидери, вклучувајќи ги индискиот премиер, Нарендра Моди, и неговиот пакистански колега, Шехбаз Шариф, учествуваат на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС), кој почна вчера и продолжува денеска во Бишкек, главниот град на Киргистан.
По пристигнувањето во неделата вчера, Џинпинг го поздрави „златното време“ на кинеско-киргистанските односи, во време кога се наметнува Пекинг како незаменлив економски партнер на Централна Азија, на штета на Русија, поранешниот протекторат. Иранските медиуми објавија дека иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан, пристигнал вчера изутрина, додека рускиот претседател, Владимир Путин, се очекуваше да пристигне попладнето. Планирано е тие да имаат билатерална средба, во контекст на зголемената руско-иранска соработка. Кремљ изјави дека рускиот претседател ќе разговара одделно со лидерите на Кина, Индија и на Турција.
Во последните години, ШОС доби нов импулс под влијание на Пекинг и на Москва, благодарение на зближувањето на Русија и на Кина. Организацијата се состои од 10 членки и 15 партнери за дијалог, вклучувајќи ги Турција, Саудиска Арабија и Катар, како и држави набљудувачи, вклучувајќи го и Авганистан.












